„Поместени граници“ – изложба на ДЛУМ во Домот на АРМ


 Во галерискиот простор во Дом на АРМ во Скопје вечерва во 19 часот ќе се отвори седмото издание на изложбата „Поместени граници“, во организација на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ).

Оваа изложба е дел од годишната програма на ДЛУМ. Годинава кураторскиот концепт на изложбата го постави Уметничкиот совет на ДЛУМ, а темата е насловена „Каде е границата…?“

На изложбата учествуваат 22 автори членови на ДЛУМ – Марија Мицова Гацова, Јана Луловска, Татјана Миљовска, Ема Петрова, Борче Богоевски, Слободан Живковски, Иво Пецов, Шќипе Мехмети, Марија Чепишева, Златко Глигоров, Стефан Јакимовски, Ана Спасова, Петар Миљковиќ, Ангел Димовски Чауш, Ацо Таневски, Стефан Младеновски, Ѓорѓи Динев, Душан Георгиевски, Нела Јанковска, Златко Бојковски, Зулејха Зибери Али, Љупчо Бојаров.

-Поимот граница, асоцира на некаков вид физичка, замислена, природнa, вистинска, политичка или емотивна барикада која означува крај а воедно и почеток на нешто ново поразлично структурно, емотивно и концептуално. Сведоци сме дека границите низ историјата се раѓаат, го достигнуваат максимумот, полека го губат значењето и на крај исчезнуваат, а потоа повторно се создаваат нови граници, кои имаат за цел да означат почеток на нешто ново, дистанцирајќи се од концептот од “другата страна”. Во уметноста границата во последно време го губи своето значење. Фактот што мултилатералниот и интердисциплинарен пристап на уметниците во конотација на техничката изведба и пристапот кон реализацијата и поставеноста на делата се повеќе е присутен, ја проширува границата или оди отворено без неа.Низ самиот процес на поместување на границата, уметникот, го поставува прашањето и поставува дилеми, постојат ли граници и каде е границата..? Дали ја чувствуваме? Дали доволно делуваме да ги срушиме границите? Нашата мисија како уметници е постојана, соопштија од ДЛУМ.

Изложбата се реализира со финасиска поддршка од Министерство за култура, а ќе биде отворена до 4-ти март.