Помал број на седишта, покомотни редови: Како ќе изгледа Универзална сала?
Универзалната сала ќе се реконструира на постојното место, со зачувување на истиот габарит и автентичниот изглед. Kонечниот изглед беше промовиран за време на мандатот на скопскиот градоначалник Шилегов. Изведбениот проект за реконструкција е изработен од проектантското биро „Мегарон инженеринг“.
По една недела откако багери влегоа и почнаа да го расчистуваат просторот кај Универзална сала од целото ѓубре и од градежниот отпад оставен две години откако запре реконструкцијата, денеска министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска најави дека реконструкцијата конечно продолжува.
Според очекувањата, градежните зафати ќе траат околу три години, па некаде кон крајот на 2026 година култната сала би требало повторно да биде отворена за посетителите.
Архитектот Бујар Муча денес објасни дека проектот е готов во сите свои фази уште од 2021 година, а сега е на располагање на изведувачите за да се заврши првата фаза, а потоа преку тендерирање да се продолжи и со она што е техничка фаза и ентериер.
Едната фаза е изработка на фасадата и на куполата, а во втората фаза е решение за функционалноста на објектот, односно реконструкцијата и реорганизацијата на внатрешниот простор.
Се задржува постоечката форма, се прави внатрешна реорганизација на просторот. Се поставуваат нови материјали во фасадата, поради енергетската ефикасност. Со мали корекции во постоечката конструкција ќе се зголеми и противпожарната заштита. Целата конструкција надолу е челик, тој е дотраен, ќе направиме некои корекции и во конструкцијата, не нарушувајќи го обликот на објектот, но мора да се внимава и на противпожарна заштита.
Ќе се прави реорганизација на просторот во делот на фоајето, тоалетите, просториите за вработените, терасите…
„Го отвораме најранливото прашање, а тоа немањето фоаје, ги префрламе санитариите, ги правиме редовите покомотни, ги зачувуваме гремиорните и правиме реорганизација на просториите за вработените. Духот на Универзална сала е сочуван, промените се од аспект на промена на материјали, промена на некои проблематични делови, како на пример, зголемување на стреата напред кога се чека за влез и слично“, објасни Муча.
Во рамки на реконструкцијата на Универзалната сала ќе се намали капацитетот на седиштата, кои како што рече Муча, отсекогаш биле проблем.
„Знаеме сите коишто сме биле таму дека тоа е проблем со седиштата. Го намалуваме бројот на седишта за 300, ги правиме редовите покомотни. Ќе направиме сала која ќе блесне во истиот сјај , ќе потсетува на Универзална на која сме навикнале.
Нешто повеќе од една милијарда денари или околу 16 милиони евра е проценета вредноста за изведба на градежните зафати и за надзор за реконструкција на Универзална сала. Инвеститор е Министерството за култура, а изведувач фирмата „Универзал Балкан“, која што пред повеќе од две години беше ангажирана од Град Скопје за да го обнови објектот. Од државниот буџет за зафатите на салата за годинава се обезбедени 120 милиони денари, а за 2025 и 2026 година по 443.818.000 денари.