Полската владејачка партија ќе ги регулира новинарите по изборите


Полската владејачка партија Право и правда (ПиС) сака да го регулира статусот на новинарите во земјата, чекор што опозицијата го оцени како повик за напад врз демократските слободи. Новите правила се дел од партискиот манифест од 232 страници објавен минатиот викенд во подготовките за општите избори на 13 октомври на кои ПиС изгледа многу веројатно дека ќе победи.

Главната цел на новиот закон ќе биде да се создаде „самоуправно“ тело за да се обезбедат етички и професионални стандарди кај новинарите, да се саморегулира секторот и да се едуцираат млади новинари. Во документот, исто така, се вели дека новиот закон „во никој случај не би го ограничил принципот на отвореност на новинарскиот занает“ и дека на неговото воведување ќе му претходи серија консултации.

Според манифестот, партијата има за цел да создаде „нов медиумски поредок“ заснован на јавните медиуми – телевизија, радио и новинска агенција.

Радослав Фогиел, заменик-портпарол на партијата, рече дека идејата е водена од фактот дека новинарството е „професија на јавна доверба, што има големо влијание во обликувањето ставови и социјалните одлуки“. Тој им рече на новинарите дека предложената самоуправа треба да биде водена од новинари и да биде моделирана како сличните тела за адвокатите.

Но опозицијата вели дека идејата за регулирање на новинарите е обид на ПиС да се ограничат проверките и рамнотежата на владините активности.

„Новинарската професија навистина е регулирана во Полска. Тоа беше регулирано за време на комунизмот. Новинарите се регулирани во многу земји, на пример во Белорусија“, рече Цезари Томчик, пратеник од опозициската партија Граѓанска платформа, на прес-конференција.

Кшиштоф Сковронски, шеф на провладината Асоцијација на новинари на Полска, за „Политико“ рече дека е тешко да се дадат коментари за новата идеја бидејќи се познати многу малку детали.

„Се чини очигледно дека независноста и слободниот говор ќе се засноваат на нови правила“, рече тој. „Но јас сум скептичен во врска со [создавање] на нов закон и каква било дефиниција“.

Од доаѓањето на ПиС на власт во 2015 година, партијата ги засили својот стисок на јавните медиуми и го намали рекламирањето на државните компании што се критични за владата.

Во извештајот за 2019 година на Светскиот индекс за слобода на печатот, Полска падна на 59. место меѓу 180 земји, што е пад од 18. место во 2015 година.

„Јавните медиуми се преименувани во ‘национални медиуми’ и се трансформирани во владини пропагандни усти“, се вели во извештајот.

Владејачката партија најавува и дека веќе нема да има имунитет за судиите и обвинителите и ќе биде можно притворање на парламентарците по барање на јавниот обвинител (во Полска тоа е министерот за правда).

Програмата наведува дека ПиС, откако ќе добие мнозинство во мандатот 2019-2023 година, „ќе поднесе барање за измена на содржината на член 105 (2-3) и, исто така, став 5 од полскиот устав на таков начин што пратеник или сенатор ќе може да биде одговара кривично, како и да биде притворен или уапсен, со одлука донесена на барање на јавниот правобранител упатена до Врховниот суд“.

Во моментов, парламентот не може да биде уапсен, освен ако Сејмот (долниот дом на полскиот парламент) не даде согласност. Во Уставот се вели дека „од денот на објавување на резултатите од изборите до денот кога ќе истече мандатот, пратеникот не може кривично да одговара без согласност на Сејмот“. (Политико)