Полска вечер на „Охридско лето“ со уметничките од „Глам квартетот“ и пијанистот Стен Брекенриџ
Музичката програма на „Охридско лето“ вечерва продолжува со Полската вечер, во чии рамки во црквата „Света Софија“ ќе настапат уметничките од „Глам квартетот“ од Полска и американскиот пијанист и автор Стен Брекенриџ.
„Глам квартет“ го сочинуваат четири реномирани полски инструменталистки – Барбара Шелчаеиевич како прва виолина, Доминика Пјечовјак-Должинска како втора виолина, Каролина Вашцинска-Лукановска на виола и Агњешка Ковалчук на виолончело.
Членките на квартетот настапуваат како солистки, камерни музичарки и членки на симфониски оркестри, а нивниот репертоар опфаќа различни музички стилови – од класична музика, поп, рок, хаус и џез, до современи алтернативни жанрови. Соработуваат со познати полски и светски музички имиња, а редовно настапуваат и во телевизиски продукции.
На концертот ќе настапи и Стен Брекенриџ, американски пијанист, автор и предавач, чија кариера опфаќа концертни настапи, телевизиски гостувања и предавања во повеќе земји во Европа, Азија, Африка и Северна Америка.
Брекенриџ е автор на три книги посветени на музиката, меѓу кои „Вкус или невкус: критично слушање за ученици, наставници и родители“, „Популарна музика во Америка: градење на американскиот дух“ и „Африканско-американска музика за сите – театар, филм и танц“.
Во текот на кариерата настапувал во познати концертни сали и сцени во САД, како и во Дубаи, Англија, Франција, Германија, Унгарија, Јапонија, Литванија, Мексико, Мароко, Полска, Словачка и Украина.
На програмата на концертот се дела од Фредерик Шопен во нови аранжмани на Стен Брекенриџ, со кои неговите познати композиции добиваат џез и современ музички израз. Публиката ќе може да ужива во „Swinging Nocturne in E-flat Major“, „Prelude in C minor“, „Fantasy Impromptu in Bossa Nova Style“, „Andante spianato in Waltz Style“ и „Swinging Prelude in C Major“.
Во вториот дел од концертот ќе бидат изведени авторски композиции на Брекенриџ, како и некои познати рефрени како„What a Wonderful World“, „Stand by Me“ и „Can’t Take My Eyes Off You“.