Полјаците протерани од Загреб, по тепачката со Бед блу бојс, нема да го следат натпреварот


Навивачката група на Динамо Загреб, Бед Блу Бојс синоќа се судри со ултрашите на полска Легија во хрватскиот главен град.

Улиците на Загреб личеа на воено поле, бидејќи се фрлаа факели, пепелјари, столици, шишиња, камења, а демолирани беа неколку ресторани и кафулиња. Навивачите беа вооружени со палки, а интервенираше и полицијата.

Во едно видео се гледа како БББ ги напаѓаат полските навивачи кои седат во едно локално кафуле во Загреб.

Во тепачката еден Полјак заврши со скршена бутна коска и е однесен во болницата во Загреб.

Во судирот, според официјалните податоци на хрватската полиција учествувале околу 300 навивачи на Динамо и околу 100 Полјаци.

„Тепачката изби по 21.30 часот“, соопшти полицијата. Според првичните податоци, направена е штета на пет локали, а оштетени се три автомобили.

Полските навивачи биле собрани од хрватската полиција, најпрво на еден паркинг во близина, а потоа биле одвезени на граничниот премин „Брегана“ од каде ја напуштиле државата.

Тие вечер нема да го следат натпреварот меѓу Динамо и Легија.