Политиката на Кремљ е да всади страв
Во неодамнешното коминике рускиот и кинескиот лидер бараат „нова ера“ за да го замени постоечкиот меѓународен поредок. Тие претпочитаат владеење на најсилните пред владеење на правото
Самата причина зошто е создадена нашата Унија е да се стави крај на сите европски војни. Така, светот со неверување гледа како се соочуваме со најголемото трупање војници на европско тло од најтемните денови на Студената војна. Бидејќи настаните од овие денови би можеле да го преобликуваат целиот меѓународен систем. Украина штотуку прослави 30 години од независноста. Има цела генерација Украинци родени и одгледани во слободна земја. Тие се деца на демократијата. Но сега тие секојдневно се соочуваат со надворешна агресија и мешање. Некои од нив изгубија роднини или соученици во војната во Донбас. Повторно се соочени со перспектива за регрутирање, да водат војна што тие не ја сакаат, но што Москва може да им ја наметне. Ова е она што во пракса значат политиките на Кремљ: да се всади страв и тоа да се нарече безбедност; да им се оневозможи на 44 милиони Украинци слободно да одлучуваат за сопствената иднина; да се ускрати правото на слободна земја на независност и самоопределување. И последиците од овој пристап се важни подалеку од Украина.
Кремљ не само што се обидува да ја поткопа целата европска безбедносна архитектура, принципите на Хелсинки кои ги направија сите европски земји побезбедни, вклучително и Русија. Исто така, ја прекршува Повелбата на ОН, каде што се наведува дека земјите „ќе се воздржат од закана или употреба на сила против територијалниот интегритет или политичката независност на која било држава“. Не можеме да дозволиме ова да преовлада.
Се соочуваме со бесрамен обид да ги преработиме правилата на нашиот меѓународен систем. Треба само да се прочита неодамнешното коминике издадено од рускиот и кинескиот лидер. Тие бараат „нова ера“, како што велат, да го замени постоечкиот меѓународен поредок. Тие претпочитаат владеење на најсилните пред владеење на правото, заплашување наместо самоопределување, принуда наместо соработка. Сѐ уште се надеваме дека мирот ќе завладее и дека дипломатијата ќе нѐе однесе таму.
Дозволете ми да се осврнам на тоа како Европа може да ја поддржи оваа работа. Прво, треба да бидеме подготвени да одговориме. Ние – ЕУ и нејзините трансатлантски партнери – подготвувавме силен пакет финансиски и економски санкции, вклучително и за енергијата и врвната технологија. Ако Кремљ удри, можеме да наметнеме високи трошоци и тешки последици врз економските интереси на Москва. Опасното размислување на Кремљ, кое доаѓа директно од мрачното минато, може да ја чини Русија просперитетна иднина.
Второ, диверзификација. Силната Европска унија не може толку да се потпира на снабдувач со енергија кој се заканува да започне војна на нашиот континент. „Гаспром“ намерно се обидува да складира и испорача што е можно помалку додека цените и побарувачката вртоглаво растат. Чудно однесување за една компанија. Мора да ги диверзифицираме и нашите добавувачи и нашите извори на енергија. Оваа работа е веќе во тек. Допревме до нашите партнери и пријатели ширум светот. И денес можам да кажам дека и во случај на целосно прекинување на снабдувањето со гас од Русија сме на сигурна страна за оваа зима. И на среден и на долг рок, ние ги удвојуваме обновливите извори на енергија. Ова ќе ја зголеми стратешката независност на Европа за енергија.
Трето, поддршка на демократијата во Украина. Веќе седум години руското раководство се обидува да ја дестабилизира Украина: хибридна војна, сајбер напади, дезинформации. Сепак, земјата сега е посилна од пред седум години. Затоа што го избра патот на демократијата и пријателството на другите демократии. Размислете повторно за младите во Украина, постсоветската генерација. Тие знаат дека нивната демократија не е совршена. Но таа станува сѐ посилна од година во година. Тоа е она што го прави да се издвојува од автократијата. Просперитетните демократии се најголемиот страв на автократите. Затоа што нивната пропаганда пропаѓа, кога граѓаните стануваат помоќни со известувањето на независните медиуми и слободната размена на идеи. Затоа што слободните граѓани ѝ ја зборуваат вистината на власта. Затоа што довербата и самоувереноста се поодржливи од контролата и принудата. И токму затоа Европа го поддржува патот на Украина кон демократијата. Тоа ја прави Украина подобро место за живеење за својот народ и подобар сосед и за Европската унија и за Русија.
Мојата четврта и последна поента е за единството. Од почетокот на оваа криза предизвикана од Кремљ, Европската унија и трансатлантската заедница се целосно усогласени и обединети. Ја поддржуваме Украина да го издржи огромниот притисок од Москва. Кога руската влада се обиде да нѐ подели, одново и одново, ние одговоривме со еден глас и заедничка порака. Ова е можно и благодарение на тебе, драг Јенс. Ти секогаш нѐ туркаше да се фокусираме на она што ни е заедничко. Ти покажа дека Европската унија и НАТО стојат рамо до рамо. Не само затоа што споделуваме членови и сојузници, туку затоа што споделуваме вредности: слобода, демократија, независност. Самите вредности кои се загрозени во оваа криза.
И затоа ме прави многу горда и среќна што можам да објавам дека сте овогодинешниот добитник на наградата „Клајст“. Помина долг пат за да стигнеш до оваа висока функција. Кога беше млад, беше на чело на младите социјалисти во Норвешка, организација која – во тоа време – сигурно не беше позната како поддржувач на НАТО. Младиот Јенс го искористи својот шарм и лидерство за да стане познат наоколу. Како премиер на Норвешка, ти, Јенс, требаше редовно да се справуваш со Русија. Всушност, тогаш Лавров веќе беше Лавров. А сепак, успеа со вештина да го решише повеќедеценискиот територијален спор во Баренцовото Море.
Почитуван Јенс,
Отсекогаш си биле човек на дијалог и човек што верува во трансатлантската врска. За речиси десет години на чело на НАТО, секогаш го носеше пламенот на оваа единствена алијанса. Никој не работеше понапорно од тебе за трансатлантскиот сојуз. Немилосрдно притискаше за зајакнување на нашето единство. Ова е причината зошто никој не ја заслужува овогодинешната награда „Клајст“ повеќе од тебе.
(Урсула фон дер Лајен е претседателката на Европската комисија. Ова е нејзиното обраќање при доделувањето на наградата на Минхенската безбедносна конференција, „Евалд фон Клајст“, на Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО. Во 2019 година оваа престижна награда ја добија поранешните премиери на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, за склучување на Преспанскиот договор.)