Така Конески го бранеше јазикот | Одговорот на великанот до негаторите (1)

Политиката на соседите за јазичен хегемонизам

Решението на АСНОМ за воведувањето на македонската азбука донесено на 6 мај 1945 година, неколку дена пред капитулацијата на нацистичка Германија и официјалното завршување на Втората светска војна во Европа. Ова решение е испратено до просветните оддели во македонските градови

Блаже Конески

Оформувањето на нашиот литературен јазик дојде како појава најмалку сакана од великосрпските и великобугарските шовинисти. И за едните и за другите тоа означуваше будење на македонскиот народ и најголема опасност да им се ислизне од рацете пленот

Никој не може да ги доброи нападите од официјалните политички кругови во Бугарија изминативе десетлетија и на високата наука кај нашиот сосед дека македонскиот јазик не е посебен, туку дека е некаква дијалектолошка форма на бугарскиот. Ти нападни беа посебно акцентирани за време на владата на Бојко Борисов, кога се поставија темелите на блокадата на Македонија на патот кон ЕУ.

Оние што подлабоко се занимаваат со негирањето на мекодонскиот јазик и идентитет од страна на бугарските научни и политички кругови ги знаат сите фази од оваа лингвистичка војна. Тоа на свој начин, повеќе или помалку, го знае и македонското општество.

Една книга реакција на големиот Блаже Конески од 1948 година насловена како „По повод најновиот напад на нашиот јазик“, објавена од Земскиот одбор на Народниот фронт на Македонија, на извонреден начин ги сместува бугарските оспорувања на македонскиот литературен јазик во графата на политичка и псевдонаучна пропаганда. Оваа книга-расправа на Конески следи по статијата на организацискиот секретар на БРП(к) Георги Чанков објавена во „Работническо дело“ кусо време пред тоа со наслов: „Предавниците на социјализмот и на македонското дело“. Во неа Чанков се обидува да докаже дека не постојат ниту македонскиот јазик  ниту македонскиот народ.

Блаже Конески на извонреден начин го докажува токму спротивно и тоа само три години по кодификацијата на македонскиот литературен јазик. Конески тогаш има 27 години. Неговата ерудиција и знаење беа извонредни, понекогаш дури и неверојатни за неговата младост. Но генијот не внимава на младоста – или си или не си.

Во овој фељтон ќе ја пренесеме оваа мала книга објавена во 1948 година, која изгледа како да е пишувана за денешниве собитија. Бидејќи ништо не се променило во ставовите на негаторите на македонскиот јазик.

Во 2002 година Фондацијата „Небрегово“ и неделникот „Старт“ издадоа репринт на книгата „По повод најновиот напад на нашиот јазик“. Во овој репринт има вдахновен предговор на големиот лингвист Трајко Стаматоски, насловен „Одговорите на Конески“. Во тој подолг предговор Трајко Стаматоски, меѓу другото, го напиша и ова:

„Оспорувањето на македонскиот литературен јазик од одделни страни има свој непрекинат континуитет. Тој е особено изразен од бугарската и грчката страна. И додека во првите години од неговиот слободен развој (1945-1948) тој во Бугарија беше негиран од опозицијата, од 1948 ставовите ги презеде и официјалната политика, па потоа и науката.

 

Лингвистичкиот тим што работеше на кодификацијата на македонскиот литературен јазик на почетокот од 1945 година по решението на АСНОМ

 

Она што го пишуваше опозицискиот печат во Бугарија уште од 1945, најчесто весникот ‘Знаме’, дека македонскито јазик е ‘една вештачка постројка што има за цел да ги откине македонските Бугари од нивната општа култура’ или уште погрубо дека ‘македонската нација не постоела и не постои’ односно ‘ние станувавме и стануваме против вештачкото народносно изградување на македонска раса, со свој особен македонски јазик’, во 1948 се обиде да го образложи орг. секретар на БРП(к) Георги Чанков, значи човек од првата политичка гарнитура, во статијата ‘Предавниците на социјализмот и на македонското дело’, објавена во в. ‘Работническо дело’ (9.X.1948). А истиот тој Г. Чанков само една година пред тоа (какво совпаѓање: пак точно на 9.X.), што се однесува до македонскиот народ во Пиринска Македонија, пишуваше дека тамошните Македонци треба ‘да се воспитуваат како дел од македонскиот народ, којшто веќе има своја сопствена држава, да ја изучуваат својата сопствена историја, да се учат, пишуваат и зборуваат на својот роден македонски јазик’.

Блаже Конески опширно го елаборира овој текст на Чанкова во својата расправа ‘По повод најновиот напад на нашиот јазик’, Скопје, 1948. На тврдењата дека македонскиот литературен јазик е вештачка творба, дека тој е создаден по директива, со декрет, што ќе рече дека е измислен, Блаже Конески им противстави обилна документација. Тој укажа дека таквите тврдења не се нешто ново во историјата на јазиците, дека за исмислени се прогласувале и јазици на големи народи (украинскиот, на пример), а посебно се позанимава со прашањето дали појавата на еден литературен јазик може да биде случајна.

Во својот одговор на Чанкова Блаже Конески изрази и една мисла која се покажа како визионерска, а таа е дека македонскиот литературен јазик ‘во овој момент на својот развиток (1948) далеку не е така заостанат како што си претставуваат тие. Тоа е јазик на една млада, полетна литература, што со секој ден сѐ поплодотворно се разгрнува’. Само за миг да се замислиме и запрашаме колку е разгранат денеска македонскиот лидетартурен јазик и колку македонската литература? Изминаа ли јазикот и литературата децении или пак векови во својот развој?“

Во годината кога ги одбележуваме стоте години од раѓањето на Конески оваа книга се чини дека има епохален придонес за македонскиот јазик и идентитет. Еве како Блаже Конески им одговори во 1948 година на оние што го негираа македонскиот јазик.  

 

* * * * *

 

1.

Весникот „Работническо дело“, од 9 октомври о. г. ја донесува статијата на Георги Чанков, организационен секретар на БРП(к), под наслов „Предавниците на социјализмот и на македонското дело“. Тоа е еден прилог повеќе во редот на невоздржаните напади против нашата земја и нашето водство што уследија од различни страни по донесувањето на резолуцијата на Информбирото. Ние ќе се запреме овдека на таа статија, доколку во неа, меѓу другото, се засегнува и нашиот литературен јазик, доколку пишувачот нашол за сходно да се искаже не само за прашањето на употребата на нашиот литературен јазик во Пиринска Македони ја, ами и воопшто за неговиот современ облик. На повеќе пати по резолуцијата на Информбирото, при различни случаи можеа да се чујат од страна на извесни раководители на БРП(к) искажувања во однос на македонскиот јазик што наполно се поклопуваат со великобугарското становиште за него. Од таков карактер се искажувањата на Георги Чанков во споменатата статија која беспорно го толкува во тој однос становиштето на ЦК БРП(к). Се добива нешто своеобразно: доскоро знаменосец на борбата против нашиот јазик беше бугарската опозиција со својот печат, (БРП(к) ја прогласуваше тогаш потребата да се искоренат тие и слични великобугарски пројави). Денеска пак се праќаат стрели против нашиот јазик токму од страна на раководителите на БРП(к). Чудна преемственост! Се „корегира“ генералната линија на борбата против великобугаризмот, се „корегираат“ поединци; откажувајќи го тоа што само пред една година или дури и пред неколку месеци самите го кажувале. Повеќе од очевидно е дека денешниот однос на бугар ските раководители спрема нашиот јазик има свои длабоки корења во теоријата на великобугаризмот. Затоа, макар накратко, ќе треба да се запреме на тоа, по каков начин се среќаваше нашиот литературен јазик од страна на балканските шовинисти воопшто, и на бугарските посебно, какви аргументи тие приведуваа против него како јазик на одделна нација. Со тоа ќе ни се открие изворот на оние разбирања што денеска се изнесуваат од бугарските комунисти како најнови „марксистички“ изнајдувања во таа област; тоа ќе биде истовремено и најдобар увод во критиката на искажувањата за македонскиот јазик што се содржат во споменатата статија на Чанкова.

2.

Оформувањето на нашиот литературен јазик дојде како појава најмалку сакана од великосрпските и великобугарските шовинисти. И за едните и за другите тоа означуваше будење на македонскиот народ, и следствено најголема опасност да им се ислизне од рацете пленот, околу кој што веќе долго време си ги вадеа очите. Расправијата меѓу нив е добро позната. Со какви средства се водеше таа на јазичното поле? Требаше по секоја цена да се докаже припадноста на македонскиот „дијалект“ кон српскиот или бугарскиот јазик; со таа преднамерено поставена цел се приоѓаше кон прашањата од историјата на тој „дијалект“, така што фактите послушно се редеа на нејзиниот конец, давајќи две различни „научни“ теории, наежени една спротив друга; врз основа на така установената поголема близост на „дијалектот“ со српскиот или со бугарскиот јазик автоматски, според сите правила на „науката“, се установуваше националната припадност на македонскиот народ, т.е. кажано со поголема прецизност: се освештаваше правото на едната или другата буржоазија да го експлоатира крвавиот труд на македонскиот народ.

Правото на македонскиот народ да се определи како едно или друго, правото да го припознае за свој еден или друг јазик, беше во неговите раце — и никој тоа право, со никаква „наука“, не можеше да му го одземе

Меѓутоа, изградбата на самостоен македонски литературен јазик, што почна особено да се разгрнува пред минатата војна во Вардарска Македонија, дојде да покаже дека целата таа сметка се правела без крчмарот, дека не се прашал оној што бил на прво место за прашање — македонскиот народ. Правото да се определи како едно или друго, правото да го припознае за свој еден или друг јазик, беше во неговите раце — и никој тоа право, со никаква „наука“, не можеше да му го одземе.

 

Факсимил на книгата „По повод најновиот напад на нашиот јазик“ од Блаже Конески издадена во 1948 година

 

Кога пак тој народ дојде до збор, кога закрепна во него националната и политичката свест, тој се определи по таков начин, што се виде сета неоснованост на длабокомислено скроените шовинистички теории, облечени во превезот на строга „научност“, за неговиот јазик и неговата на родносна припадност. Можеше ли оформувањето на нашиот јазик да биде појава случајна, дури измислена? Се разбира дека не можеше. Појавата на нашиот литературен јазик дојде како природен резултат од нашиот национален развиток во новото време, дојде како виден израз за оние процеси што се извршуваа во животот на нашиот народ и што го обусловуваа неговото оформување во современа нација.

А токму тоа беше што хегемонистите нејќеа да го знаат и признаат. На тој факт што почна да никнува новата македонска литература, тие на прво време сакаа да му придадат извесно потесно, за нив поуспокоително значење, како во случајот да се работи за толку обичното фолклорисање, од редот на оние литературни настојавања на одделни народни говори, какви што има во секоја литература, на пример во хрватската (на кајкавски и чакавски дијалект), на и во бугарската (на шопскиот: Елин-Пелин). Интересно е на пример да се забележи дека во однос на поезијата на В. Марковски такво становиште завземаше професорот на Скопскиот филозофски факултет Миливој Павловиќ (во книгата „Језик и народна култура“ Скопје, 1937), сметајќи ја за пишувана на српски дијалект, и давајќи ѝ во таа рамка право на постоење, и од друга страна професорот на Софискиот универзитет Стефан Младенов, сметајќи ја, се разбира, за пишувана на бугарски дијалект. Младенов сакаше дури да заклучи, од фактот што В. Марковски пишувал еднакво добро и на бугарски јазик и на македонски „дијалект“, дека тоа било уште еден доказ за единството меѓу бугарскиот литературен јазик и народните говори, во кои тој ги броеше и македонските. Но скоро луѓето што вака ја осмислуваа појавата на македонски литературни творби требаше да се простат од своите илузии. Тие творби беа нешто повеќе од фолклористички егзибиции, тие беа израз за растежот на македонското национално движење во борбата против поробувачите на нашиот народ. Затоа овие се нафрлија против македонската литература и македонскиот јазик, против нивното право да постоат и да се развиваат.  (Продолжува)