Политичкото осамостојување на Македонија не беше лесен процес
ЃОРЃИ СПАСОВ
Суштествените општествени промени во македонија започнаа да се одвиваат како „промени одозгора“, во кои клучна улога играше доминантната партија. Плуралистичката трансформација во неа беше поблиску до моделот што веќе беше виден во Унгарија и во Бугарија
Веќе по пропаднатиот 14. Конгрес на комунистите од Југославија, кога станува јасно во која насока ќе се одвиваат настаните во Словенија и Хрватска, Македонија е исправено пред притисокот од сојузното партиско раководство (на чело со Милан Панчевски) за нејзино придружување кон „здравите сили“ во борбата против словеначкиот и хрватскиот сецесионизам и пред предизвикот да ја потврди својата автономна политичка волја која ќе биде израз на јасна национална стратегија во поглед на разрешувањето на југословенската криза.
Македонија мораше брзо да одлучува по многу крупни прашања. Едното од нив беше дали ќе го почитува сојузниот устав и неизвесниот исход од целата процедура на неговите промени кои свесно беа закочени од доминантните сили на „антибирократската револуција“ во федерацијата, или ќе пристапи кон промена на својот политички систем преку свесното кршење на сојузниот устав. Од тоа, пак, зависеше дали Македонија во динамиката на промените ќе ги следи Словенија и Хрватска или пак ќе ги чека прво промените во Србија. А сето тоа, во краен случај, значеше разрешување на дилемата помеѓу прифаќањето брзи одлуки за противуставна промена на системот во насока на изградба на институциите на парламентарната демократија или прифаќањето на уставното (за)останување во прегратките на стариот систем и во сферата на силите на антибирократската револуција.
Во суштина, како што ќе забележат подоцна аналитичарите на промените во источноевропските земји, се работеше за дилемата: прифаќање на предизвикот на националната револуција, која можеше да ги предизвика чуварите на сојузниот поредок, или останување при верувањето дека и најнеповолниот однос на силите на моќта во Федерацијата за остварување на политичките реформи може да се промени по мирен пат и по исчекување на резултатот од судирот помеѓу концепциите на Србија и на Словенија.
За разлика од Словенија и Хрватска, кои веќе подолго време го подготвуваа своето јавно мислење за прифаќање на предизвикот на „националните револуции“ кои ќе доведат до нивно државно осамостојување, во Република Македонија за тој проблем јавноста почна да се освестува односно да ја осознава во неговата вистинска димензија дури по прекинот на 14. Конгрес на СКЈ од 20-22 јануари 1990 година и по радикалното заострување на односите помеѓу Србија и Словенија, по кое следуваше грубо кршење на сојузниот устав од двете страни.
Србија со помош на „спонтаните случувања на народот“ ги собори актуелните политички раководства во Косово, Војводина и Црна Гора и ги укина уставните автономии на покраините, а Словенија полека престана да партиципира во сојузната каса, во работата на сојузните органи и пристапи кон еднострана промена на Уставот на Словенија која ѝ овозможи легализирање на политичките партии и брзо одржување на повеќепартиски избори.
Двете републики истовремено извршија грабеж на сојузната каса преку извлекувањето на огромни средства од примарната емисија.
Првите политички партии во Словенија, чие формирање започна уште во јули 1989 година, вклучувајќи ја и владејачката Партија на комунистите од Словенија, во своите програми ја истакнаа целта – изборување на конфедерален статус за Република Словенија. Добрите познавачи на приликите меѓутоа знаеја дека зад таа формула се крие од една страна залагање за отцепување на Словенија од дотогашната југословенска федерација – но во форма која би значела договорно преуредување на односите меѓу членките на бившата федерација, за да не биде означен тој чин од останатите како сепаратизам или сецесионизам, а од друга страна, оставање простор за евентуално задржување на Словенија на југословенскиот пазар и по нејзиното државно осамостојување.
Бавно создавање на автономна политичка волја
Политичката клима во Македонија во тие моменти се подгреваше час преку информации за грубиот егоизам и сепаратизам на Словенците, а час преку информации за растечкиот национализам во Србија кој по успесите во соборувањето на раководствата во Косово, Војводина и Црна Гора ѝ се закануваше и на Македонија, доколку нејзиното раководство „не води сметка за интересите на својот народ“.
Во водењето и истрајувањето врз својата автономна политичка волја во овој судир, Македонија беше ограничена уште со неколку дополнителни елементи:
Прво, две третини од нејзиниот вкупен извоз на југословенскиот пазар завршуваше во Србија.
Второ, без Србија, Македонија која нема свој излез на море и развиени комуникации во насоката Исток-Запад, можеше да се најде во комуникациска изолација.
Трето, Македонија заради својата економска неразвиеност го имаше запуштено и развојот на таканаречената „територијална одбрана“, која во случајот со Словенија се покажа дека може преку ноќ да израсне во национална армија способна за борба дури и со единиците на сојузната војска.
Четврто, во Македонија постоеше српско-црногорско малцинство кое броеше 44 илјади лица и уште 13.500 лица кои се изјаснуваа како Југословени заради што процесот на осамостојувањето на Македонија можеше да наиде и на организиран отпор од внатре.
И петто, речиси една петина од населението на Македонија беа Албанци, а вкупно една третина „немакедонци“, чие однесување во процесот на распадот на Југославија не можеше до крај да се предвиди.
Покрај сите наведени причини, во тој период постоеше и една, мошне суштествена за цврстината на југословенската определеност на населението во Македонија. Тоа е опстојувањето на сојузната влада на чело со Анте Марковиќ, која не само што покажа значителни резултати во поправањето на економската состојба во сите делови од Југославија, туку со својата либерална ориентираност и храброст даваше сѐ уште надеж дека промените на политичкиот и економскиот систем во Југославија, вклучувајќи ја дури и бараната промена на односите меѓу републиките во југословенската федерација, е можно да се изведат мирно по институционален пат.
Предложените реформи на Анте Марковиќ кои во тоа време добија политичка (но не и финансиска) поддршка од западните земји ги предвидуваа и пазарната ориентираност на стопанството на Југославија, приватизацијата, политичкиот плурализам, европската ориентираност на Југославија, но и нејзиното зачувување барем во форма на економска унија и на политичка конфедерација.
И додека граѓаните на Македонија и на Босна и Херцеговина во политиката на Анте Марковиќ гледаа формула за надминување на „блоковската поделеност“ на Југославија, српскиот унитаризам и словенечкиот сецесионизам влегуваа во завршната фаза од реализацијата на сопствените планови. Најпрво, носителите на антибирократската револуција понудија извозен митинг во Љубљана заради „освестување“ на словенечкото политичко раководство, во чие оневозможување словенечките власти покажаа дека зад својата политичка волја имаат и реална воено-полициска сила, а потоа унитаристичките сили од бившиот СКЈ, по очигледниот неуспех во присилувањето на партиските раководства од Хрватска, Босна и Херцеговина и Македонија да дојдат на продолженијата на 14. Конгрес на СКЈ (без учество на Словенците), одлучуваат да го поништат субјективитетот на тие раководства (прогласувајќи ги за сепаратистички, потоа најавија организирање на општопартиски референдум за продолжување на конгресот и дека ќе се обратат директно со писмо до членовите на СКЈ од цела Југославија со повик за продолжување на конгресот).
Со овој чин, на раководството на СКЈ (на чие чело се уште се наоѓа Милан Панчевски од Македонија) во чија работа веќе не учествуваат Словенците, му станува јасно дека остатокот од раководството на СКЈ е ставено во функција на изведување на „антибирократски револуции“ во раководствата на непослушните партиски организации од Хрватска, БИХ и Македонија, и дека лидерот на српските комунисти Слободан Милошевиќ во тоа раководство и во СКЈ гледа само лост за наметнување на својата политичка волја врз останатите во Југославија.
Важната улога на Гошев и младото раководство на СКМ-ПДП
Раководството на СКМ, на чие чело во тоа време се наоѓа младиот економист Петар Гошев и неговиот тим во тогашното Претседателство на СКМ, остро се спротивставува на тој чин од страна на веќе осакатениот и неовластен сојузен партиски центар и на својата седница од 7 април 1990 година таквата политика ја означува како сталинистичка, а од нејзините протагонисти бара да поднесат оставка. За претставниците на СКМ во тоа централно раководство, избрани на претходниот конгрес на СКЈ, меѓу кои е и актуелниот претседател на СКЈ во тоа време, Милан Панчевски, СКМ изјавува дека не можат веќе да ги претставуваат интересите на комунистите од Македонија на тоа ниво.
„Македонија“, истакнато е на седницата на Централниот комитет на СКМ на 7 април 1990 година, „денес бара раководство кое нема да биде приврзок на ничија политика во Југославија и кое нема повеќе да исчекува да се договорат најпрво другите во Југославија, за таа отпосле да го изнесе сопственото видување“.
На истата седница донесена е одлука да не се оди веќе на никакво продолжување на 14. Конгрес на СКЈ, а СКМ, во согласност со промените во својата програмска ориентација (откажувањето од водечката улога, кадровскиот монопол, укинувањето на демократскиот централизам и работнофункционалниот принцип во сопственото организирање ), да ја внесе додавката во своето име која ќе гласи: Партија за демократска преобразба.
Веќе со овие промени, и со самото име кое веќе беше слушнато како додавка на партиите на комунистите во Словенија и во Хрватска, беше јасно дека сѐ уште доминантната политичка сила во Републиката, а особено нејзиното раководство, во југословенскиот судир помеѓу северот и југот, се става на страната на северот.
За разлика од Словенија и Хрватска, кои во собранијата веќе донесоа закони за легализација на своите политички партии и во кои се подготвуваа новите повеќепартиски избори, но го имаа и подготвено целото јавно мислење за пружање дури и на вооружен отпор на органите на сојузната држава во случај на нивен обид за спречување на отворената сецесија, во Македонија односот на силите во поглед на навестените реформи сѐ уште беше нејасен.
Реформски ориентираното раководство на СКМ прво не можеше да биде целосно сигурно дека ќе биде поддржано од целокупното членство во својата ориентација доколку биде организиран некаков референдум со него, ниту пак дека раководствата на сите општински организации на оваа партија ќе застанат целосно зад неговата нова национална стратегија во разрешувањето на југословенскиот конфликт. Второ, не можеше да биде сигурно дека целосна поддршка за својата политика ќе ја добие и од актуелното државно раководство на Републиката, што не беше случај во Хрватска и Словенија. Државното раководство на Македонија, Собранието и Извршниот Совет во овој период, конфликтот меѓу СКМ и сојузниот партиски центар го оценуваа само како „внатрешно-партиски конфликт“ за кој тие немаа свое мислење.
И трето, не можеше да биде сигурно дека целосно ќе ја добие и пропагандната битка за своите ставови, бидејќи Македонија беше (како и обично) под силен пропаганден притисок на јавните гласила од Србија, кои чинот на македонското партиско раководство веќе го означуваа како предавнички, сепаратистички и како бугарашење. Македонското партиско раководство исто така беше и без сосема јасна поддршка во македонските гласила, кои (како и секогаш), лавираа помеѓу додворувањето кон различните центри на моќ во републиките и претпазливо се однесуваа заради калкулациите од неизвесниот исход.
Во ваквите околности раководството на реформираните комунисти се одлучува за неколку суштествени потези:
Прво, користејќи го искуството на Јосип Броз Тито во борбата против Сталин за време на Информбирото, се решава најпрво да го објави својот одговор на писмото од сојузниот партиски центар (со кое се повикуваа и „здравите сили“ од Македонија да ја прифатат политиката на Милошевиќ) и во текот на ноќта да побара изјаснување од сите општински раководства на партијата во врска со него.
Откако ја добива поддршката за својата политика од претседателствата на сите општински комитети освен на кумановскиот и на светиниколскиот (родното место на Лазар Колишевски), тоа свикува проширена седница на Централниот комитет со учество на претседателите на партиските организации од сите општини, на која е манифестиран еднодушен отпор кон политиката на сојузниот партиски центар, одземен им е легитимитетот на македонските претставници во тој центар (бидејќи нив можеше да ги отповика само нов сојузен конгрес) и обесхрабрено е организирањето на евентуалните негови приврзаници во Републиката. Подоцнежните митинзи на граѓаните во Куманово и организираните состаноци на некои боречки организации во Скопје за соборување на политиката на македонското партиско раководство, ќе се покажат како преслаби за правење на каков било пресврт.
Второ, противењето на државната структура е амортизирано со предлогот на оваа партија за продолжување на мандатот на сите државни функционери до одржувањето на нови парламентарни избори, односно со одбивањето на оваа партија да учествува во подготовките на еднопартиските априлски избори според одредбите од важечкиот устав, при што еден голем дел од припадниците на државната бирократија се надеваа дека заради нивната послушност одново ќе се најдат на кандидатските листи на тогаш владејачката партија.
Трето, конечниот пресврт во јавното мислење требаше да се направи преку легализирањето на политичките партии во Републиката, за што СКМ поднесе предлог, бидејќи во нивните никулци гледаше дури посигурна одбрана за новонастанатата национална стратегија одошто во редовите на своето 160-илјадно членство.
За оваа цел сѐ уште формално владејачката партија формира и своја комисија за општествени реформи преку која обезбедува гласност за низа истакнати интелектуалци и дотогашни дисиденти во Републиката, од една страна, и од друга страна, обезбедува широк публицитет и за ставовите на дел од борците кои на раководството на оваа партија му даваат поддршка во оваа битка (Вера Ацева, Крсте Црвенковски, Борко Темелковски, Тошо Атанасовски и други).
Во оваа смисла, независно од постоењето и на други мислења, може да се каже дека и во Република Македонија суштествените општествени промени започнаа да се одвиваат како „промени одозгора“, во кои клучна улога играше доминантната партија, заради што би можело да се каже дека плуралистичката трансформација во неа е поблиску до моделот што веќе беше виден во Унгарија и во Бугарија, од оној во Полска, Чехословачка, ДР Германија и Романија, во кои на легализирањето на плурализмот му претходеше силен притисок одоздола.
Во вакви услови речиси не беше можна појавата на нова политичка партија која не би се занимавала во својата програма со одговор на прашањето: како да се реши актуелниот конфликт и кризата во југословенската федерација, односно без да даде одговор на прашањето за каква национална стратегија на Републиката ќе се залага таа партија во разрешувањето на тој конфликт и таа криза.
Разликите во одговорот на ова прашање го обележаа, всушност, главниот расцеп помеѓу новите политички партии и му го дадоа главното обележје на новиот партиски систем на Република Македонија.
(Ѓорѓи Спасов е универзитетски професор. Ова е извадок од неговата неодамна објавена книга „Раѓањето на мултипартизмот“.)