Полициските функционери за време на трагедијата во Кочани се недопирливи, обвинуваат од СДСМ
Пратеникот Миле Талески му порача на министерот Тошковски да си ги чува писанијата на Фејсбук за себе и веднаш да поднесе оставка

Во третиот удар за министерот за внатрешни работи, СДСМ побара по трет пат денеска побара оставка на Панче Тошковски. Третиот пат беше преку прес-конференција на пратеникот Миле Талески.
Тој ги повтори досегашните забелешки како е можно ниту еден од командирите и началниците кои извршуваа функции во Кочани и Штип, како и во високите ешалони на МВР да не биде осомничен за трагедијата во дискотеката „Пулс“ а за тоа да се истражуваат само поранешни полициски раководители.
„Ако се следи истрагата се добива впечаток дека настанот се случил во некое друго време со некоја друга власт.
Поминаа точно 30 дена од трагедијата во Кочани, а Тошковски сè уште не најде ниту еден виновен во актуелните началници и службеници на МВР кои биле директно одговорни за безбедноста на граѓаните.
Наместо денес да се жали на Фејсбук како опозицијата го напаѓала, треба да си поднесе оставка како минимум чин на лична одговорност. Пред оставката, треба да ги приведе сите седум началници за кои сите правни експерти во државата јасно кажаа дека имаат директна одговорност за настанот.
Додека обични службеници се гонат и носат на распит, додека истрагата веќе стигна и до 2012 година, лицата кои реално имале моќ и обврска да спречат трагедија – остануваат недопирливи.
Началници, командири, луѓе од БЈБ, па дури и полицајци што биле таа вечер на лице место – никој од нив не е ниту повикан, ниту истражуван. Тоа е срамно. Тоа е директен доказ за селективна правда“, рече Талески.
Тој нагласи дека наместо Тошкоски да измислува некакви алијанси и на празно да обвинува треба да даде одговор на прашањата што му се поставуваат.
„Му порачуваме на Тошковски своите писанија на Фејсбук да си ги чува за себе. Ниту ќе нè заплаши, ниту ќе нè замолчи. Ќе продолжиме да ги отвораме овие прашања и ќе инсистираме на целосна, неселективна и независна истрага.
Ќе бараме да се истражи и одговорноста на оние кои биле на врвот – затоа што токму тие ја водат полицијата која гледала, знаела, а не направила ништо.
Правда за Кочани нема да има додека тие што можеле да спречат трагедија не одговараат. Не само кривично – туку и институционално, и политички. А тоа започнува со оставка на Панче Тошковски“, рече Миле Талески.