Полициска акција кај директорка на училиште во Демир Хисар предизвика политички тензии и обвинувања за притисок

Синоќа во текот на ноќта, на еден ден пред распишување на локалните избори, по што нема да биде можно да се прават смени на директори, со судска наредба, полициски инспектори од МВР извршиле претрес во домот, службените простории и автомобилот на директорката на СОУ „Крсте Петков Мисирков“ во Демир Хисар, Маја Лозановска.
Според Обвинителството, акцијата била спроведена поради сомневање за кривично дело Фалсификување и уништување деловни книги, со цел обезбедување предмети поврзани со случајот. Неофицијално, тие го барале печатот од училиштето бидејќи власта сака да ја смени од функцијата.
Основното јавно обвинителство Битола соопшти дека не издало наредба за приведување или итен распит на Лозановска и дека постапката за претрес е спроведена во согласност со законските процедури.
„Основното јавно обвинителство Битола побара од Основниот суд во Битола да се издаде наредбата со цел обезбедување предмети од кривично дело. Судот ја ценеше основаноста и го прифати барањето за претрес, по што ОВР Демир Хисар во текот на вчерашниот ден извршило претрес на трите локации, а за претресите и евентуално пронајдени и одземени предмети сè уште нема доставено официјално писмено известување до обвинителството. Законската процедура за обезбедување наредба за претрес на дом и други простории е во целост испочитувана. Спроведувањето на наредбата е во надлежност на полициските службеници. Основното јавно обвинителство Битола нема издадено наредба за приведување или итен распит на лице во конкретниот случај“, се вели во соопштението од Обвинителството.
Претресот бил извршен додека Лозановска била на боледување, а на видео-снимка од настанот која ја објави адвокатот на директорката, се гледа како полициски началник бара таа да биде донесена на информативен разговор во полициска станица со возило на Итната медицинска помош велејќи дека има право да ја лиши од слобода.
Од опозицискиот Социјал-демократски сојуз на Македонија (СДСМ) реагираа дека случајот претставува пример за партиски притисок и незаконско разрешување во пресрет на локалните избори. Во соопштението се наведува дека градоначалникот Никола Најдовски во изминатите години на двапати ја разрешувал Лозановска, но решенијата биле поништени од Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос. Поради тоа, Министерството за образование и наука ја презело надлежноста за именување директор и ја поставило Лозановска на функцијата.
Од СДСМ тврдат дека градоначалникот сега повторно се обидува да ја замени со друг кандидат, заобиколувајќи ја постапката предвидена со Законот за средното образование. Според партијата, полициската акција е дел од „политички прогон“ и „злоупотреба на институциите во партиски цели“.
По соопштението од Обвинителството, реагираше владејачката ВМРО-ДПМНЕ од чии редови е и градоначалникот на Демир Хисар. Без да прецизираат кој е поводот за нивна реакција тие го обвиниија јавниот обвинител Љупчо Коцевски дека работи во служба на опозицијата.
„Главниот обвинител, Љупчо Коцевски дословно и покорно ги слуша пораките и наредбите кои му доаѓаат од партијата СДС. Наместо да служи на граѓаните и на правдата, Коцевски се стави во партиска служба и заштита на криминалите и криминалците од редовите на СДС“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ но не се прецизира во кој случај точно обвинителот се ставил во партиска служба и дали мислат на обидот за приведување на директорката без да има барање за такво нешто од страна на обвинителството. (Мета)