Полицијата казни учесник во протестот во Љубојно против масовната сеча


Жителите на преспанското село Љубојно шести ден по ред одржуваат протести и блокади против, како што велат, масовната и прекумерна сеча на шумата над селото. Според мештаните, за време на протестот полицијата изрекла казна кон еден од учесниците поради наводно попречување на патот.

Жителите предупредуваат дека сечата може да предизвика сериозни последици врз животната средина и селото – контаминација на водата, ерозија на земјиштето и поплави при поројни дождови.

По почетокот на протестите на 12 август, сечата е стопирана. Владата, сепак, тврди дека работите се изведуваат законски и под стручен надзор.

„Испочитувани се процедурите и контролите со кои се гарантира дека шумата природно ќе се обнови“, велат од Владата, додавајќи дека за активностите е ангажирана лиценцирана фирма избрана на јавен тендер, а дрвата се наменети за снабдување на локалното население со огревно дрво.