Полициски специјалци го приведоа новинарот Фуркан Салиу
Новинарот е приведен на фудбалски натпревар во Коњаре затоа што наводно ѝ се спротивставувал на полицијата. Сега е во полициска станица
Новинарот Фуркан Салиу, кој деновиве беше во центарот на аферата со наводните планови на ВМРО-ДПМНЕ за лажни анкети и лажни вести, денеска е приведен од припадници на специјалната полиција за време на фудбалски натпревар во селото Коњаре.
Според изјави на членови на семејството за некои медиуми Салиу заедно со неговиот снимател го следел фудбалскиот натпревар при што полицијата тргнала да апси младо момче. Салиу им се спротивставил и почнал да ги прашува зошто го прават тоа, по што бил совладан и приведен. Фуркан во моментов е во полициска станица.
Од Министерството за внатрешни работи официјално за „360 степени“ кажаа дека ќе ги проверат наводите за апсењето и подоцна ќе се произнесат.
Според извор од МВР Салиу е приведен затоа што „физички ги нападнал полицајците“ што се смета за напад врз службено лице.
Салиу ги објави тие документи на медиумот „ПорталХ“, од каде беа пренесувани, а за нив зборуваа и партиите. Во синоќешното гостување на „Инфомакс“ Фуркан Салиу одговараше на повеќе прашања околу оваа тема, а рече и дека Гордана Силјановска-Давкова не била прифатена во членството на ВМРО-ДПМНЕ како претседателски кандидат. „Нека бараат одговори во ИК и во партијата зошто има толку голем револт и зошто Гордана Силјановска не е поддржана од членството. Таму нека ги бараат одговорите. Јас не ја избрав неа, па ни партијата не ја избра неа да биде кандидат за претседател. Одговорите нека ги бараат таму“, рече Салиу.