Полиција ќе патролира низ Центар по последните насилства во општината


Случајот со нападнато 3-годишно дете во Дебар Маало од пијан педофил, ја поттикнаа општината да побара поголемо присуство на полицијата, па така денеска најавија засилено полициско присуство особено во делот околу Градскиот парк.

– Вечерва со МВР договоривме засилено полициско присуство за да ја зачуваме безбедноста на децата и граѓаните. Насилничкото однесување во општината е силен аларм не само за институциите туку и за нас родителите. Затоа упатувам апел и до родителите будно да ги следат децата и работат со нив на превенција од насилство, алкохолизирање и најважно злоупотреба на дрога која е огромна опасност кај младите. Воедно ги охрабрувам граѓаните поактивно да пријавуваат и алармираат можни нарушувања на јавниот ред и мир во МВР – рече Горан Герасимовски, градоначалник на Центар.

По  пријавата за присуство на педофил и други девијантни однесувања од малолетници вчера вечер одржал средба со поголем дел на родители чии деца учат во ОУ „Коле Неделковски“ на која договориле потпишување на петиција до ресорните министерства за внатрешни работи, труд и социјална политика и за образование и наука поради загриженоста за безбедноста на децата во реонот на Дебар Маало.

 – Безбедноста на граѓаните е императив за општината – вели Герасимовски.