Погледнете што направи Меси по пауза од два месеци


 

Интер Мајами ја победи Филаделфија Унион со 3:1 во МЛС натпревар одигран ноќта од сабота кон недела. Јунак на натпреварот беше Лионел Меси (37), кој постигна два гола и асистираше за третиот. Микаел Ухре ја доведе Филаделфија во предност во втората минута. Но, тогаш настапи  Меси, за кого тоа беше прв натпревар по 62 дена. Одличниот Аргентинец се опоравуваше од повредата здобиена на Копа Америка.

Првиот гол во 26. минута дојде по комбинација на некогашното трио на Барселона. Жорди Алба ја донесе топката на противничката половина, му ја додаде на Луис Суарез, а тој на Меси. Со лажен удар го исфрли противникот, а потоа со послабата десна нога ја затресе мрежата.

Четири минути подоцна Алба од левата страна испрати приземјена топка за Меси, како што тоа го правеа во каталонскиот клуб. Тој шутна од прва, гостинскиот голман Ендрју Рик ја допре топката, но не можеше да ја запре. Во финишот на првото полувреме ја прими топката на работ од противничкиот шеснаесетник, му ја додаде на Суарез, а уругвајската легенда погоди во блискиот агол.

„Едвај чекав да се вратам, бев нетрпелив по долго време надвор. Малку по малку почнав да тренирам со тимот, се чувствував добро и затоа решивме дека ќе почнам. Многу сум среќен и задоволен“, изјави Меси, за кого ова беше прв натпревар за Мајами по 105 дена.

„Свесни сме каков тим имаме. Вистина е дека во текот на целата сезона имавме лоша среќа со повреди. Никогаш не бевме со полна сила, секогаш ни недостасуваа играчи, но тимот продолжи. Сега сме први со голема предност и се надеваме дека ќе завршиме на врвот“, додаде Меси, осумкратниот освојувач на „Златната топка“.

Интер Мајами е моментално најдобриот тим во американската лига со 62 бода од 28 натпревари. Вториот ЛА Галакси заостанува седум бода и има натпревар повеќе. Меси, пак, на 12 настапи во МЛС има 12 гола и девет асистенции.

Откако освои се што можеше со Барселона и стана, според многумина, најдобриот фудбалер на сите времиња, тој замина во ПСЖ и таму играше од 2021 до 2023 година. Тој минатата година пристигна во клубот од Мајами и има одиграно вкупно 29 натпревари на кои 25 пати бил стрелец и 16 асистенција.