Погачар се откажа од Олимписките игри поради замор


Селекторот на словенечката машка велосипедска репрезентација Урош Мурн ги откри имињата на велосипедистите кои ќе се натпреваруваат на Олимписките игри во Париз.

Меѓу нив нема да биде Тадеј Погачар, кој поради пауза го откажа учеството. На негово место ќе дојде неговиот репрезентативен колега Домен Новак, соопштија од раководството на словенечкиот олимписки тим.

На победникот на трката во Франција уште еднаш му честитаме на уште една победа на најпрестижната велосипедска трка во светот и се надеваме дека ќе ги претставува боите на Словенија на следните Летни олимписки игри во Лос Анџелес во 2028 година, велат од раководството на тимот. 

Дваесет и петгодишниот Погачар го освои бронзениот олимписки медал на друмската трка пред три години во Токио, прв е на светската ранг-листа, а годинава победи и на трката низ Италија, втората по големина повеќеетапна трка во светот.

Во словенечкиот олимписки тим го нема ниту олимпискиот првак во трката на хронометар од 2021 година Примож Роглич, кој веќе недостасуваше на првата листа на рекордниот олимписки тим од 90 членови, именуван од извршниот комитет на Словенечкиот олимписки комитет на 8 јули. 

Погачар тогаш беше меѓу четворицата словенечки велосипедисти, така што Јан Тратник ќе биде единствениот што ќе настапи на хронометарот, додека на листата на патната четворка се и Лука Мезгец и Матеј Мохорич.

Мурн пред три дена изјави за СТА дека сè уште нема донесено конечна одлука за тимот на ОИ и дека тоа ќе го направи веднаш по Тур д Фрнас. „Сè уште ги немам конечните податоци, но колку што знам, последиците од падот за Примож се веројатно полоши отколку што изгледаше на почетокот“, изјави тогаш тренерот за состојбата на 34-годишникот.