Поднесено обвинение против Бесија Иљази за злоупотреба


Основното јавно обвинителство поднесе обвинителен предлог против поранешната организациска директорка на Клиниката за токсикологија, Бесија Иљази, поради злоупотреба на службена положба. Според обвинението,  Иљази ги пречекорила своите службени овластувања со намера да овозможи противправна имотна корист за 17 лица.

„Постапувајќи спротивно на Законот за спречување корупција и судир на интереси, Изборниот законик и Законот за здравствена заштита во мај годинава склучувала договори за дело со лицата за нивно работно ангажирање на Клиниката, по што ретроактивно издавала платни налози со кои им исплаќала месечен надомест за нивен претходен наводен работен ангажман. На списокот додавала и лица со кои воопшто не бил склучен договор за дело и на кои исто така им се исплаќал надомест за наводно извршени работи. На овој начин буџетот на Клиниката бил оштетен за сума од 659.781 денар, а истовремено на ангажираните лица им била овозможена противправна имотна корист“, истакнуваат од Јавното обвинителство.

Иљази од функцијата економска директорка на Клиниката за Токсикологија беше разрешена во јуни откако министерот за здравство Арбен Таравари разреши неколку економски директори на скопските Клиники. Иљази беше во центарот на бројни скадали, меѓу кои и враќање на работа на болничарот што на камера призна дека барал урина со наркотици да биде заменета со чиста урина, не ја осигуруваше болницата поради фаворизирање на нејзин брокер, но и тоа што одбиваше да зборува на македонски јазик и на работа доаѓаше со преведувач.