Поднесено обвинение за три лица за намерното предизвикување пожар кај Патишка Река
По спроведена претходна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје денеска поднесе Обвинителен предлог против три лица, татко и неговите два сина, кои се товарат дека заедно сториле кривично дело „предизвикување општа опасност“. За сите тројца е доставен и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор, информира денеска Јавното обвинителство.
Лицата на 9 август 2024 година предизвикале пожар на шумско земјиште во државна сопственост, во месноста викана „Дупки“, во атарот на селото Патишка Река, во општина Сопиште.
– Со запаллива течност – моторно масло и бензин полеале и запалиле нискостеблеста шума и суви треви, предизвикувајќи општа опасност за животот и телото на луѓето и за имот од големи размери, се наведува во соопштението.
Осомничените ги забележал и ги пријавил очевидец.