Подготвува ли ВМРО-ДПМНЕ нов 27 април?
Намерата на партијата можеби е и да се спречи Македонија евентуално да добие датум за преговори, бидејќи тоа би било пораз на целата нивна стратегија и реторика
Кавги, блокирање на говорницата, расправии со собранискиот спикер – е „амбиентот“ што повторно се враќа на голема врата во Собранието. Иако ВМРО-ДПМНЕ најави активна блокада и филибастеринг, инцидентот што се случи завчера почнува да наликува на најава дека опозицијата сака да се врати на стариот метод за кој веќе многумина издржуваат затворска казна, и да предизвикува инциденти и насилство во Собранието како начин да се врати на власта.
Со оглед на тоа кога почна активната блокада на Собранието, што и онака е блокирано и едвај функционира, намерата може и да е поширока – да се спречи Македонија евентуално да добие датум за преговори, бидејќи тоа би било пораз на целата нивна стратегија и реторика досега. Далеку од умот е дека некој ќе ѝ даде преговори на земја во која се тепаат пратеници меѓусебно, при што којзнае по кој пат се повторува истото сценарио – во клучни моменти за земјата да се прави политички хаос. Очигледно освен што пратениците не водат сметка за државата, не водат сметка ни за тоа како таквите настапи влијаат на општеството кое и сега тоне во говор на омраза, бидејќи зелена пропусница за тоа има од политичката елита.
Снимката што се појави вчера со навредите изречени од спикерот Талат Џафери веројатно е резултат на ваквата атмосфера во Собранието и на фактот дека службите овозможија уште еднаш пратеници да се собираат околу говорницата, што наликува на увертира за насилство.И сета таа драма беше заради изгласување на дневен ред на седницата, откако процедурата ја оспорија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кои се собраа околу Џафери со бројни транспаренти, што покажа дека инцидентот бил испланиран однапред. Хаосот настана откако пратениците на опозицијата не сакаа да се тргнат од говорницата, а Џафери ги предупреди да не му се доближуваат.
Овој настан покажа дека се се менува во Македонија освен начинот на политичко функционирање на ВМРО-ДПМНЕ, што испровоцира за првпат по подолг период реакција и на Европската комисија. Неофицијално, странски дипломати веќе го предупредиле ВМРО-ДМПНЕ да не се обидува да ги повтори насилните настани од периодот пред губењето на власта. Фотографиите од тие настани најдобро покажуваат дека Никола Груевски и натаму е мозокот или барем урнекот на функционирањето на главната опозициска партија. Веќе се слушаат оценки дека, ако продолжи ваквата наелектризирана атмосфера во парламентот, можни се поголеми инциденти.
„Ова ќе потрае“, најавија од ВМРО-ДПМНЕ, тврдејќи дека „нема да биде страшно за граѓаните“ но ќе биде за политичарите од власта.
„Не би било стратегија ако ние јавно секој чекор го кажуваме. За граѓаните нема да биде страшно, но ќе биде страшно за политичарите од власта и ќе треба да одговорат на многу прашања. Долго време чекавме, бевме многу внимателни. Граѓаните дури ни велеа зошто сте толку мирни. Некои ни велеа добивте општини и сега си уживате. Но, не сме сите исти. Сакаме да обезбедиме стабилност. Неколку пати подавам рака до премиерот“, изјави Христијан Мицкоски во интервју, тврдејќи дека 90 отсто од граѓаните барале од него „да преземат нешто“ како партија.
Викање, истурање вода врз работната маса на претседателот на Собранието, отстранување на микрофонот и одземањето на картичката на Џафери, беше тоа „нешто“ што ВМРО-ДПМНЕ „легитимно и најдемократски“ му го приреди на Џафери во времето на Груевски кога малку фалеше да дојде до физичка пресметка. Причина беше неводниот револт поради Законот за јазици што подоцна го импленентираше неговата партија. Од тој настан остана легендарната сцена како Груевски му ја истура чашата со вода на Џафери.
Бркање со микрофони, навреди и циркуси имаше и на 15 април 2021 година, а причината беше толку небитна што никој и не се сеќава на неа.
Кулминацијата сепак беше на 27 април, т.н. „крвав четврток“, кога ВМРО-ДПМНЕ практично се обиде да изведе обид за државен удар и да го спречи формирањето на нова влада без неа.
Таквата блокада на изборот на владата беше спакувана како народен отпор да се спречи Талат Џафери да биде новиот спикер на Собранието. Насилство, луѓе во фантомки кои воспоставуваат ред, повредени новинари и пратеници, крвави глави“, беше резултатот од ова сценарио на ВМРО-ДПМНЕ, што е најцрна страница во историјата на плуралистичка Македонија. (Н.В.)