Поделбата во опозицијата ѝ ги зголемува шансите на Теута Арифи


Големата нетрпеливост меѓу двете партии што призлегоа од едно движење ѝ ги зголемува шансите на актуалената градоначалничка на Тетово, Теута Арифи (ДУИ) да ситне и до трет мандат. Арифи води со мала разлика пред првиот човек на Беса, Билал Касами, 11.138 наспроти 10.496. Успехот на Касами е еден од најнеочекуваните резултати на локалните избори.

Алијансата за Албанците на Зијадин Села нема ништо против коалицијата да го поддржи Касами затоа што таа гледа само една работа во Тетово – пад на ДУИ. Но таа поддршка за партнерот, Алтернатива, е границата преку која не може да се помине. Алтернатива и Беса поминаа долго време по судови за докажување кој може да го има правото на називот „Беса“ за политичкиот субјект и на крајот одлуката беше дека му припаѓа на Касами. Оттогаш тие две партии не сакаат ни да се помирисаат. 

Потпретседателот на Алијансата, Елми Езири, изјави дека неговата партија е подготвена да го поддржи Касами во Тетово, но следуваше експресна реакција на портпаролот на Алтернатива, Орхан Муртезани, дека „Алтернатива нема да го поддржи Билал Касами на кој било начин“. 

Оваа поделеност може да биде голем проблем за опозициската коалиција. Доколку Алијансата, сепак, најпосле го поддржи Касами, ризикува во заедничкиот блок да се појават сериозни пукнатини во вториот круг во големите битки во албанскиот камп во Гостивар, Дебар и Чаир. А тоа ќе ги отвори портите за победа на ДУИ на сите три места.

После тоа, прашање е како ќе функционира оваа опопозициска коалиција откако постигна полоши резултати отколку што очекуваше на изборите. (Н.В.)