Поддршка од владината коалиција и од САД за барање решение со Бугарија
Поддршка од коалиционите партнери во Владата за премиерот Зоран Заев да продолжи со барањето на решение со Бугарија, но и порака од САД дека ЕУ не треба да дозволи билатералните несогласувања да го запрат заслужениот напредок на Северна Македонија, продолжуваат да пристигаат и неколку дена по ветото на преговарачката рамка на нашата држава со Европската унија од страна на Бугарија.
Поддршка за продолжување на реформите и за барање решение на прашањето со Бугарија доби премиерот Зоран Заев на вчерашната средба со коалиционите партнери по истекот на првите 100 дена од мандатот.
– Остануваме посветени на барањето решение со соседна Бугарија. Решение кое гарантира почеток на преговори со ЕУ, а никако не задира во македонскиот идентитет, ниту идентитетот на било кој народ или етничка заедница. Тука сметаме и на силната поддршка на нашите сојузници во ЕУ, особено Германија, како и САД, кои се посветени нашата држава да продолжи по европскиот пат и почнување на преговорите со Унијата, потенцира премиерот Заев.
Премиерот Заев, при тоа, изразил благодарност за поддршката од сите етнички заедници за ова прашање, како и за поддршката од коалициските партнери како репрезенти на мнозинството граѓани од сите етнички заедници.
Помошникот-државен секретар на САД за Европа и Евроазија и поранешен американски амбасадор во нашата земја Филип Рикер, во своето обраќање на онлајн форумот „Да се биде безбеден“ во организација на Атлансткиот сојуз на Црна Гора, порача дека Европската унија не треба да дозволи билатералните несогласувања да го запрат заслужениот напредок на Северна Македонија во интеграциите.
– Северна Македонија исполни се и треба да и биде дозволено да напредува во евроинтеграциите. Ова е важен момент за ЕУ. Секако ние ја потикнуваме Бугарија да ги реши билатералните прашања со Северна Македонија надвор од пристапниот процес, додека истовремено ќе дозволи првата меѓувладина седница да се одржи годинава. Скопје и повеќе од тоа ја заслужи таа шанса и треба да продолжи да се движи напред, изјави Рикер.
Прашан за бугарското вето и што смета дека може да се направи за негово решавање, Рикер, рече дека иако САД не се членки на ЕУ, и немаат право на глас, сепак имаат право на став и повтори дека Скопје има и повеќе од заслужено да продолжи напред, изразувајќи надеж дека ќе има позитивно движење во таа насока.
Претседателот на ДУИ Али Ахмети, по вчерашната средба со Владо Бучковски, изрази уверување декае можно брзо решение без последици врз јазикот, идентитетот и културата.
– Ахмети и Бучковски, дискутира за имплементација на Договорот за добрососедство меѓу Скопје и Софија, актуелните ставови меѓу странките и најдобрите начини за да се надмине создадениот спор. Ахмети даде целосна поддршка за интензивен дијалог и изрази убедување дека решението може брзо да се постигне и тоа без никакви последици врз јазикот, идентитетот и културата кои не се дел од контекстот и диалогот, информираат од ДУИ.
Од таму уште додават дека европскиот дух на постигнување договор треба да преовладува и во неговото прецизно спроведување без одлагање и како дел од рамката за преговори во областа на меѓусоседските односи, но и уставните одредби за територијална и друга не-закана за нашите соседи.