(Фото) Под Смоларскиот водопад се одржа традиционалната „Костенијада“
Денеска на платото под Смоларскиот водопад се одржа 13. „Костенијада-Фестивал смоларскиот костен“ во чест на овој плод од планината Беласица. На манифестацијата присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски и голем број гости од Општина Ново Село и околните општини.
Според градоначалникот на Ново Село, Ѓорѓе Божинов со манифестацијата се промовира костенот кој расте на планината Беласица.
– Оваа стара грамадна планина дава убави дарови од природата. Имаме посетитили од нашата општина, од соседните, но и од регионот. Горд сум што можам да кажам дека оваа манифестација од година во година се повеќе е посетена и ги претставуваме нашите традиционални јадења преку изработки од локалното население, но може да се вкусат и убави костени, рече Божинов.
Според премиерот Мицкоски, вакви настани можат да влијаат на развојот на руралниот туризам.
Манифестацијата традиционално ја орагнизира Општина Ново Село, а е финансиски поддржана од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Се одржа и богата забавна програма на која настапија играорците на КУД „Јане Сандански“ од Ново Село и пејачката Андријана Јаневска, а средствата што ќе се соберат од продажбата на печени костени ќе одат за КУД „Јане Сандански“ за набавка на нова народна носија и потребни реквизити.