Под слоганот „Време е за чај“ започнува четиридневниот Фестивал на чај
Под слоганот „Време е за чај“, на приземјето во Скопје Сити Мол, денеска започнува четиридневен „Фестивал на чај“, на кој ќе се претстават повеќе од 30 учесници. Фестивалот е во организација на Платформата за истражување и промоција на природата и културата „Експедиција Природа“, во соработка со Скопје Сити Мол.
Како што стои во соопштението на организацијата, на Фестивалот посетителите ќе имаат можност да дегустираат и купат чаеви, продукти од ароматични билки, есенцијални масла, како и да дознаат повеќе за традицијата, културата и моќта на лековитите билки.
Во рамки на фестивалот ќе се одржи и едукативна трибина со работилниците „Фитоклиника“, „Велнес Фитоарома терапија – фејс јога“, церемониите на чај презентирани од турскиот Институт „Јунуз Емре“, како и кинескиот Институт „Конфуциј“ при УКИМ.
Со едукативно катче ќе се претстави и „Ботаничката градина“ при ПМФ од Скопје и студентите од Истражувачкото друштво на студенти биолози (ИДСБ), кои ќе ги презентираат македонските билки, науката и младиот потенцијал биолози. Во едукативното катче, децата и возрасните ќе можат заедно со ИДСБ да истражуваат хербариум и инсектариум и преку бинокулар (стереоскопски микроскоп) да ја погледнат димензијата на минијатурните семиња.
Во уметничкото катче „Градина“, пак, децата ќе имаат прилика да уживаат во сликањето заедно со уметницата Сања Јовановска.
– Фокусот на фестивалот е автентичноста која ни ја дава природата преку билките, природната медицина – лековитите билки, од кои се подготвуваат чаеви, есенцијални масла и сапунчиња, препарати за здрав живот, мевлеми и чајни колачи од билки, шумски плодови, путери и масло од лешници и мармалади. Посебен простор е резервиран за пчелни производи, како природниот мед и козметика од мед и пчелни производи за поздрав живот. Неколку уметници и ракотворци ќе го дообојат фестивалот со рачно изработени чајници и филџани за чај. Посетителите ќе имаат можност да добијат и совети за поздрав живот од производителите на чаеви и есенцијални масла од ароматични и лековити билки, стои во соопштението.