Под истрага полицаецот кој бараше итен распит на директорката дури и со носилка. Социјалните мрежи „зовреа“

По острите критики и снимката каде се слуша како полицаец инсистира да се приведе директорка на средно училиште во Демир Хисар, ќе постапува Секторот за внатрешна контрола при МВР. Истовремено, правната фела, но и граѓани реагираат на односот на полицаецот кој и покрај укажувањата на медицинскиот тим дека здравствената состојба на директорката Маја Лозановска не дозволува таа да биде спроведена на сослушување, тој вели „ако треба ќе оди со Амбулантно возило и на носилка во полициска станица“. Од МВР велат дека кога ќе завршат проверките, ќе известат дали го санкционирале полицаецот.
„Во однос на реакциите на јавноста поврзани со постапувањето на полициските службеници за време на претресот, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди презема соодветни мерки и активности од своја надлежност за што дополнително ќе ја известиме јавноста“, велат од МВР.
Ноќната полициска драма во домот на директорката на средното училиште во Демир Хисар и бруталниот однос на полицискиот началник дека ќе ја приведе во полиција и на носилки ги зовре социјалните мрежи. Реакции за осуда и „забеганост“ на вработени во МВР се најчестите коментари.
„Криминалците, насилниците, убијците, измамниците, корумпираните политичари премачкани со сите масти се шетаат слободно низ државата. Трговци со дрога и оружје се сликаат со високи функционери во власта, терористи слават родендени со главешините на мафијата. И мува не ги лази. Ама за печат од училиште се ангажира специјална единица од полиција? Па уште и на носилка во полиција ќе ја спроведувале жената. И тоа за незаконско разрешување од страна на градоначалникот. Ма луѓе сосема сте поблесавеле веќе“, напиша на ФБ професорката Мирјана Најчевска.
Од снимката се слуша како полицаецот инсистира директорката да биде веднаш сослушана, иако нејзиниот адвокат, посочува дека во наредбата од судот стои дека претресот може да се спроведе во рок од 15 дена, а тој додава дека тоа се прави кога тој ќе одреди. Полицијата постапува по напатствија од Обвинителството, а оттаму, посочија дека тие не дале наредба за итен распит.
„Основното јавно обвинителство Битола нема издадено наредба за приведување или итен распит на лице во конкретниот случај“, велат од Обвинителството.
МВР пак посочува дека претресот кај директорката бил за фалсификување или уништување на деловни книги.
„ ОВР Демир Хисар од Основното јавно обвинителство Битола побара издавање Наредба за претреси на три локации – службени простории на училиштето, дом и автомобил на пријавено лице. Основното јавно обвинителство Битола побара од Основниот суд во Битола да се издаде наредбата со цел обезбедување предмети од кривично дело. Судот ја ценеше основаноста и го прифати барањето за претрес, по што ОВР Демир Хисар во текот на вчерашниот ден извршило претрес на трите локации, а за претресите и евентуално пронајдени и одземени предмети се уште нема доставено официјално писмено известување до обвинителството“, велат од МВР.