Почнуваат консултациите за формирање нова бугарска влада
Најголемата партија во бугарскиот парламент „Продолжуваме со промените“ почнува коалициски преговори за поддршка за нова влада, јави дописникот на МИА од Софија.
Целта на „Продолжуваме со промените“ е да собере 121 бугарски парламентарец за поддршка на програмата за управување во следните шест месеци и водење на Бугарија низ економската и политичката криза.
Денеска во Народното собрание на Бугарија „Продолжуваме со промените“ ќе има консултации со Бугарската социјалистичка партија и со „Демократска Бугарија“.
„Продолжуваме со промените“ има рок до петок, 8 јули, во 17 часот, да го информира претседателот на Бугарија, Румен Радев, дали има парламентарна поддршка и мнозинство да управува во Народното собрание.
Министерот за иновации и развој Даниел Лорер за БНТ изјави дека е оптимист за формирање нова бугарска влада во рамките на 47. Народно собрание. Тој рече дека Кирил Петков ќе продолжи да биде активен дел од власта, но засега никој не размислува за места и позиции, туку за парламентарна поддршка.