Во првите седум месеци од годинава Грција ја посетиле 20 милиони туристи – приходите од туризмот зголемени за 12 отсто


За 8,6 отсто се зголемил бројот на посетители на Грција од јануари до јули годинава, споредено со истиот период лани, додека приходите од туризмот за земјата бележат пораст за 12 проценти и изнесуваат 13,5 милијарди евра, јави дописничката на МИА од Атина.

Според податоците од Банката на Грција, во првите седум месеци од годинава, Грција ја посетиле 20 милиони туристи, а зголемување има како на пристигнувањата преку копнените гранични премини (за 17,5 проценти), така и преку аеродромите (за 6 отсто). 

Од земјите-членки на ЕУ, Грција ја посетиле 11,6 милиони туристи (зголемување за 8,6 проценти во споредба со истиот период лани), додека од останатите земји има зголемување за 8,7 проценти, достигнувајќи до 8,5 милиони посетители.

Приходите од туризмот, во периодот јануари – јули бележат раст од 12 отсто, достигнувајќи 13,5 милијарди евра, пораст што се должи како на зголемените приходи од жители на земјите од ЕУ, за 6,9 проценти и изнесуваат 7,1 милијарди евра, така и на зголемувањето на приходите од жители на останатите земји за 18,3 проценти кои изнесуваат 5,8 милијарди евра.

Во јули пак, иако бројот на туристи бил за 3,1 отсто понизок во споредба од лани, сепак, приходите бележат пораст од 7,2 проценти.

Истиот месец, пристигнувањата преку копнените гранични премини бил за 17,8 отсто понизок во споредба со истиот период лани.

Минатата година беше рекордна за грчкиот туризам со речиси 38 милиони туристи, за 5,6 отсто повеќе од 2024 година, а приходите за Грција од туризмот беа зголемени за 9,4 проценти и достигнаа 23,6 милијарди евра.