Започнува доградбата на подземната сообраќајница што ќе поминува под „Лимак“
Од денеска почнаа градежните активности на булеварот „Македонија“ со кои се очекува да се намалат сообраќајните гужви. Ќе се реализираат четири фази, од кои првата треба да заврши за 90 дена.

Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски во изјава за медиумите рече дека следната недела се очекува да започне и тендерската постапка за втората фаза.
Овој проект ги опфаќа влезовите и излезите на подземната сообраќајница што ќе поминува под станбено-деловниот објект „Лимак“, лоциран во срцето на градот, веднаш до Старата железничка станица.
Решението е со цел да се намалат гужвите на булевар Македонија кој води од Центар кон Карпош (пред Старата железничка станица) и на улица Железничка (Јордан Мијалков) кој води од Центар кон Кисела Вода.

– Тука сме на почеток на градежните активности на булеварот „Македонија“, нешто за што се говори години наназад, почнуваме со првиот од четирите чекори. Рокот на изведба е 90 дена, а од следната недела ќе ја почнеме тендерската постапка за втората фаза. Верувам дека веднаш по завршување на првата фаза, ќе започнеме со реализација на втората фаза, рече Ѓорѓиевски.

Се надева дека до крајот на неговиот мандат ќе заврши целосната изградба.

