Почнува санацијата на запуштената спортска сала за студентите на УКИМ

Студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје наскоро ќе може да ја користат спортската сала во склоп на кампусот, која со години стои запуштена, а чија реконструкција влезе во програмата за изградба и санација на спортската инфраструктура на Министерството за спорт.
Инвестицијата за реализација на санацијата на овој објект се очекува да чини 54 милиони денари.
„Ова не смее да биде лицето на спортот во Македонија. Веќе е објавен јавниот повик за санација и реконструкција, што значи дека за месеци од сега студентите ќе имаат комплетно нова сала на располагање“, вели министерот Борко Ристовски.
Од страна на УКИМ веќе е изработен и доставен целосен проект за реконструкција на спортската сала и поднесено е барање за добивање на одобрение за реконструкција до Министерството за транспорт и врски. Рокот за реконструкција на спортската сала е предвиден за 15 месеци од денот на вовед во работата на изведувачот на градежните работи.