Почнува реконструкција на левата страна на кејот на Вардар


Целосна реконструкција на левата страна на кејот на река Вардар, која ќе се одвива во повеќе фази со цел воспоставување на мултифункционален модерен јавен простор со ново зеленило, пешачки, вело патеки и нова урбана опрема во интерес на сите граѓани, најави денеска градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска заедно со директорот на ЈП „Улици и патишта“ Борис Настов и директорот на ЈП „Паркови и зеленило“ Ангеле Сотировски.


– Со овој проект планираме првично обнова на овој дел од кејот на реката Вардар од над 3 километри должина, нова велопатека во површина од 2.500 м2 и нова пешачка патека во површина од 2.500 м2, формирање на нова зелена површина во која се предвидени над 71.330 садници сезонско цвеќе и 1.360 зимзелени и листопадни садници ниска вегетација, нова хидрантска мрежа, урбана опрема, садови за отпадоци, ново осветлување и партерно уредување од над 26.363 метри квадратни, истакна градоначалничката Арсовска.

Арсовска посочи дека остварувањето на оваа инвестиција ќе се одвива во три етапи. Првата се однесува на потегот од мостот „Мајка Тереза“ до ПИОМ, втората до паркот на езерата во Аеродром и третата, до мостот „Тодор Александров“ во општина Аеродром.