Почнува петнаесетата Графичка работилница во Богданци


Главната сесија на Графичката работилница „Софија“, која по јубилеен 15-ти пат ќе се одржи во Богданци, почнува денеска.

– Традиционалната меѓународна графичка работилница е единствена од ваков тип во регионот, бидејќи на едно место ги собира студентите од завршните години на додипломски и постдипломски студии на факултетите и академиите за ликовни уметности од Балканот и пошироко, информираат од Графичка работилница „Софија“ Богданци.

На овогодишната работилница, ќе учествуваат 11 графичари од Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Северна Македонија. Ментор е професор Јохан Јотов од Националната академија за ликовни уметности во Софија, а асистент Сања Жигиќ од академијата во Нови Сад.

– Графичката работилница веќе петнаесет години е место за средба на најталентираните млади графичари, точка на размена на искуства и идеи, средиште за творештво на многу уметници. Иако славиме мал јубилеј, годинава не добивме никаква поддршка од Министерството за култура. Сепак, тоа не нè поколеба во намерата да го задржиме континуитетот и високиот квалитет кој го негуваме една и пол деценија, по кој работилницата стана препознатлив културен симбол не само во Македонија туку и во регионот“, вели Виктор Семенпеев, претседател на Здружението на граѓани Графичка работилница „Софија“ Богданци.

Завршната изложба на делата на графичарите ќе се одржи на 1 септември во Домот на културата „Бранд Петрушев“ во Богданци.