Почнува 61. Балкански фестивал на народни песни и игри


Со целовечерен концерт на ансамблот „Танец“ вечер во Охрид почнува 61. издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри во организација на центарот за култура „Григор Прличев“.

Традиционално пред почетокот на концертот, учесниците на меѓународната фолклорна манифестација ќе продефилираат низ охридската чаршија.

На сцената на Долни Сарај, до 11 овој месец, љубителите на фолклорот ќе имаат можност да погледнат настапи на ансамбли и културно-уметнички друштва од државата, но и од Албанија, Србија, Словачка, Босна и Херцеговина.

Најстарата фолклорна манифестација на Балканот, се одржува под покровителство на Собранието на Република Северна Македонија, а ќе ја отвори потпретседателот, Горан Мисовски.

Во рамките на програмата предвидено е отворање на изложбата „Муренките црници во изумирање во Радожда“ од академскиот сликар Славко Упевче.

– Програмските придобивки, квалитетот на презентацијата на фолклорниот материјал и можноста тој да биде отворена сцена за комуникација на културите на народите придонесе овој фестивал да биде застапен во каталогот на УНЕСКО на најзначајни фолклорни манифестации во светот, соопшти организаторот.

Во изминативе години на Балканскиот фестивал се презентирани повеќе од 50.000 пејачи, игроорци и инструменталисти од РСМакедонија, Албанија, Бугарија, Грција, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Романија, Унгарија, Австрија, Италија, Турција, Кипар, како и од Франција, Шпанија, Холандија, Германија, Русија, Молдавија, Полска, Чешка, Словачка, Белгија, Шведска, Данска, Финска, Велика Британија, Австралија, САД, Канада, Мексико Малезија, Коста Рика, Нигерија и други.сс/ир/