Почна третманот со морски алги против горењето на комуналната депонија кај Кочани


 Економскиот оператор „ЕМ Агрицом“ од Неготино, којшто беше избран на тендерска постапка, попладнево го почна третманот со алги и микроорганизми на Градската депонија во Кочани, за да се спречи чадот од горењето на отпадот.

Природниот третман на ѓубриштето се спроведува петти ден откако градежна механизација на американско-турскиот конзорциум „Бехтел – Енка“ ја израмни депонијата, ги исчисти постојните и проби нови пристапни патишта за дотур на следните количини од комуналниот отпад. Со тоа депонијата е целосно подготвена за примена на природниот третман со алги и микроорганизми.

– Општина Кочани постапи според барањата на граѓанските здруженија коишто го блокираат патот кон депонијата и создадени се сите услови за исполнување на заклучоците од последната седница на Советот на Општината. Упатено е писмено известување со заклучоците од вчерашната средба на градоначалниците на општините Кочани, Виница и Зрновци до Министерството за животна средина и други надлежни институции, со цел итно да се одговори на потребите за нормално функционирање на депонијата, истакна градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов.

Со писмен допис упатен до локалната самоуправа, Здружението „Грин.орг“ ја извести Општина Кочани дека нивните активисти ја напуштаат блокадата и ќе побараат измени во одлуките на Владата за депонирање на отпадот од другите општини на депонија во Кочани.