Почна судскиот процес против напаѓачот на Арсовска

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска почна судскиот процес против Сулејман Јамалари, обвинет за физички напад и закани кон градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Тој пред судот се изјасни дека не се чувствува виновен за делото „Насилство“, за кое го товари обвинителството.
На рочиштето сведочеше самата Арсовска, одговарајќи на вкрстени прашања од јавниот обвинител, својата адвокатка и одбраната на Јамалари. Таа изјави дека инцидентот се случил на 18-ти месецов додека стоела под чадор на сенка, кога обвинетиот пристигнал со електричен тротинет, ѝ се доближил со зборовите: „Што бараш ти тука“ и ја удрил два пати во лицето. Таа, како што рече, рефлексно возвратила со нога.
Арсовска додаде дека по интервенцијата на полицијата, Јамалари 40 минути продолжил со навреди и закани, не само кон неа, туку и кон присутните градски службеници. Побарал да зборува со „шефот“, по што неколку пати му било дозволено телефонски да контактира со трети лица. На крај, морала да биде повикана и Интервентната полиција за да ги извлече од локацијата.
-Сите кои бевме присутни се чувствувавме небезбедно. Заканите кои беа изречени, лично мене ми предизвикаа чувство и на страв и на несигурност, особено имајќи предвид дека во ниту една секунда кај лицето немаше ниту трошка жалење за тоа што го направи. Напротив, агресијата континуирано растеше и продолжуваше со бројни закани и навреди упатени не само кон мене, туку и кон другите, изјави Арсовска.
Во своето сведочење, Арсовска наведе дека обвинетиот бил истото лице што, според нејзини сознанија, и претходно ѝ упатувал закани преку социјалните мрежи. Таа изјави дека тие закани ги објавила јавно на својот профил и подоцна ги идентификувала како поврзани со обвинетиот.
Во врска со тоа што не ја потпишала изјавата во полициска станица, Арсовска рече дека полицајците се обиделе да ѝ наметнат туѓи зборови: „При здрава свест и совест, јас на своја изјава не можам да дозволам туѓи зборови“, истакна таа.Градоначалничката побара и обештетување од обвинетиот, а се согласи против него да се води кривична постапка. Судскиот процес продолжува.
Сулејман Јамалари, поранешен вработен во ЈП „Паркови и зеленило“, е обвинет дека извршил грубо насилство врз градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Инцидентот се случил на 11 јули 2025, кога Арсовска била на терен со овластени службени лица по пријава за бесправна градба.