Почна „сезоната“ на палење трски кај струшкото крајбрежје
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2025/02/trski-struga-palenje.jpg)
Опожарени се трски пред хотел и пред угостителски објект на брегот на Охридското Езеро кај Струга и уништен е скапоцен био-диверзитет на површина од 250 метри квадратни во два одвоени случаи изминатиот викенд.
Палењето трски долж струшката ривиера, на потегот од Струга до Калишта се случува секоја година во периодот февруари – март, односно на крајот од зимата и почетокот на пролетта.
Во полицискиот билтен евидентирани се пожари на трска на 7 и 8 февруари, во поладневните часови, односно во 16 часот и 10 минути и во 14 часот и 40 минути. Во двата случаи интервенирала Територијалната противпожарна единица од Струга и нема поврдени лица. Полицијата извршила увид и се работи на расчистување на случаите.
– На 7 февруари на регионалниот пат Струга-Калишта во непосредна близина на ресторант на брегот на Охридското Езеро кај Струга пријавен е пожар на трска на површина од околу 200 метри квадратни приватна сопственост. Следниот ден, повторно е пријавен пожар на трска пред хотел на брегот на езерото кај Струга. Констатирано е дека покрај крајбрежјето на Охридското Езеро пред хотелот опожарена е трска, заштитена со закон на површина од 50 метри квадратни, изјави портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.
Граѓанскиот активист Никола Кукунеш забележува дека штетата која во последниве десет години е направена е непроценлива, а последиците, се плаши, дека можат да бидат трајни.
-На местото на последните големи пожари веќе никнаа нови објекти, градби кои се спорни и кои тешко дека некој ќе може да ги легализира, како што тоа беше случај претходно. За сите случаи кои го нарушуваат еко-системот, општата безбедност и се косат со законот навремено се реагира, а од страна на полицијата и инспекторите поднесени се низа пријави. Алката што недостига во општествениот синџир е ефикасноста на судството, кое навремено и брзо треба да ги процесуира поднесените претставки, вели Кукунеш.
Изрази надеж дека институциите ќе почнат да дејствуваат и да работат координирано.
– И како граѓански активисти и како општествено одговорни граѓани, искрено се надеваме, дека сите засегнати чинители и одговорни органи и институции ќе почнат да дејствуваат и работат координирано. Сѐ со една цел – да станеме сигурни дека живееме во општество во кое се почитуваат законите, владее правото и секое злодело соодветно се санкционира, дециден е Кукунеш.
Според податоците на СВР Охрид, минатата година на струшкото крајбрежје на потегот кон селото Калишта евидентирани се три пожари во кои е опожарена трска со вкупна површина од околу 1.400 метри квадратни, во сопственост на државата.
Во ниту еден од последните случаи не била поднесена кривична пријава.