Уставниот суд заседава за Законот за јазиците – членови на ДУИ пред зградата

Околу судот, на кејот на Вардар и пред Собранието има засилено полициско обезбедување. На протестот дојде и Али Ахмети


Заседава Уставниот суд (Фото; Б. Грданоски)

 

Уставниот суд ја почна седницата на која ќе се расправа по иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците. На седницата не се присутни судиите Осман Кадриу и Насер Ајдари, како што беше најавено и претходно. Во текот на седницата, неа  ја напушти и судијата Фатмир Скендер.

Пред зградата на судот пак се собираа стотици членови и активности на Демократската унија за интеграција.

Меѓу нив се и членови на највисокото раководство на партијата како поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи и поранешниот министер за образование и наука Арбр Адеми. Пред присутните се обратија лидерот на ДУИ Али Ахмети и Зијадин Села од Алијанса за Албанците.

Членови на Европскиот фронт пред зградата на Уставниот суд (Фото: Б. Грданоски)

Активисти на опозициската ДУИ од неделата се пред Уставниот суд со деноноќно присуство и чуваат „Стража за јазикот“. Според ДУИ, укинувањето на Законот ќе значи „уривање на еден од клучните столбови на Охридскиот договор, а владејачката коалиција без легимитет наместо да се работи за заедничка иднина, разединува и напаѓа“.

Околу судот, на кејот на Вардар и пред Собранието има засилено полициско обезбедување. Мостовите не се проодни, а се пропуштаат само лицата кои работат во околните згради.

Али Ахмети пред Уставниот суд (Фото: Б. Грданоски)

Предметот за Законот за јазиците е составен од 13 иницијативи од различни граѓани, политички партии, здруженија, оформен е во 2019 година, а стана актуелен есенва по забелешките на Венецијанската комисија. По однос на иницијативите, Уставниот суд може да ги отфрли, да одлучи да поведе постапка за законот во целост или само за делови од него, да ја запре времено неговата примена додека да донесе конечна одлука, или да го прати на доработка во Парламентот.

Подносители на иницијативите за оспорување на одредби од Законот за употреба на јазиците се партиите ВМРО-ДПМНЕ и Левица, Светскиот македонски конгрес, Солза Грчева, Тања Каракамишева-Јовановска, Јове Кекеновски, како и Васко Лазески, Ивана Митевска, Томе Тодоровски, Клементина Брзановска и Владимир Стефановски. Уставниот суд го сочинуваат девет судии од кои шестмина се Македонци, а тројца се од помалите етнички заедници – двајца Албанци и еден Турчин.