Почна реконструкцијата на улицата „Борис Сарафов“
Екипите на Град Скопје денеска ги почнаа градежните работи за реконструкција на улицата „Борис Сарафов“. Покрај улицата, во овој проект е предвидена и изградба на нова водоводна, фекална и атмосферска канализација, на потегот од крстосницата со улицата „Македонска војска“ до крстосницата со улицата „Сремски фронт“.
Со овој проект целосно ќе се реконструира коловозот на улицата „Борис Сарафов“, на потегот од крстосницата со улицата „Македонска војска“ до крстосницата со улицата „Кузман Шапкарев“, со вкупна должина од околу 1.700 метри.
На овој потег целосно ќе се отстрани стариот и оштетен коловоз и ќе се постави нов асфалт (АБ 11) со дебелина од пет сантиметри на површина од околу 18.000 квадратни метри.
Работите на терен ќе ги изведува компанијата „Жикол“, а рокот за изведба е 90 дена.
За реализација на овој проект Град Скопје ќе потроши 36,6 милиони денари.