Почна реализацијата на „проектот на векот“: Коридорите 8 и 10д се инвестиција во иднината на земјата

Одбележан почетокот на работите на автопатот Тетово - Гостивар, а веќе следната недела е најавен почеток на работите на Прилеп - Битола


Од камен-темелникот кај Тетово

Со многу честитки и порака дека е инвестиција во иднината на земјата, денеска во непосредна близина на Тетово, беше свечено одбележан почетокот на работите на новата автопатска делница Тетово – Гостивар која е дел од Коридорот 8 и низ која и сега минуваат околу 12 илјади автомобили дневно. Проектот ќе го реализира американско – турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, а заедно со другите три делници кои што ќе се градат во наредните 4,5 години вкупната вредност на овој најголем до сега инфраструктурен проект кај нас изнесува 1,3 милијарди евра. На свеченоста присуствуваа претставници на Владата, на конзорциумот, дипломати и претставници на политички партии.

„Денешниот чин, е почеток на сериозен стратешки и државнички подвиг, чија придобивка и благодат ќе ја гледаат сегашните и идните генерации на нашата земјата но и на двете наши соседни земји кон исток и кон запад кои ги поврзува Коридор 8, и на сите кои ќе минуваат низ него“, истакна премиерот Димитар Ковачевски, додавајќи дека со геостратешката позиција и Коридорот 8 ние стануваме неизбежна транспортна рута како во регионот така и пошироко.

„Камен-темелникот на Коридорот 8 не е само почеток на нова патна инфраструктура, тоа е камен-темелник и на нови инвестиции, отворање нови пазари, можност за нови соработки како меѓу домашните, така и со меѓународни компании“, рече Ковачевски.

Тој истакна дека изградбата на Коридорот 8 значи помалку трошоци за транспорт, побрз транспорт, поврзување и интеграција на Северна Македонија, како и економски и регионален развој на земјава.

„Изградбата на модерен, современ автопат Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Требениште – Струга – Ќафасан, денеска покажува дека е конкретна, реална и остварлива цел која е во интерес на граѓаните, за нивен подобар живот и просперитет на бизнис заедницата. Секој автопат носи можност за нови бизниси и економски развој. Нови бензински пумпи, нови хотели, ресторани, деловни објекти, повеќе вработувања, подобро платени работни места, поголема конкуренција и побрз развој“, рече Ковачевски.

Економското значење на овој инфраструктурен проект е големо – тој ќе претставува голем економски и развоен импулс не само на западниот дел од земјава, туку и за регионален развој на целата држава. Изградбата на Коридорот 8 значи поврзување на државата со другите земји од Европа, значи странски инвестиции, економски развој на земјата, побрз трансфер на луѓе и производи, развиен туризам и пред сè безбедни и сигурни патишта за граѓаните.

Делниците од Коридорот 8 и Коридорот 10д се најголемиот инфраструктурен проект досега во нашата држава во патниот сектор. Вредноста на Договорот за изградба на Коридорите 8 и 10д изнесува 1,3 милијарди евра. Ќе се градат четири автопатски делници во вкупна должина од околу 110 километри. Со изградбата на автопатите нашата држава ќе биде поврзана со уште две пристаништа. Пристаништето во Драч и пристаништето во Бургас и тоа за нас е одлична можност и перспектива за развој. Северна Македонија ако досега беше кружен тек, сега со овој коридор 8 станува вистинска крстосница на Балканот, посочи Ковачевски.

За амбасадорката на САД во нашата држава, Анџела Агелер, проектот е повеќе од една обична инвестиција во патиштата.

„Ова е инвестиција во иднината на Северна Македонија и во иднината на сите земји поврзани со Коридорот 8 и пошироко. Уверена сум дека работите ќе се движат брзо и успешно и дека луѓето од овој регион ќе бидат повеќе зближени и дека ќе им биде сосема пријатно на оваа патна мрежа“, рече Агелер.

Таа истакна дека проектот е многу голема работа за САД и е голема работа за американскиот бизнис во Северна Македонија.

„Подобрувањето на патиштата во Северна Македонија е од витално значење за економскиот развој. Развојот на оваа модерна патна мрежа ќе помогне да се движат луѓето, да се движат стоките и да се привлечат инвестиции. Добрите транспортни рути како Коридор 8 ќе и помогнат на Северна Македонија да ја подобри својата регионална интеграција и да изгради подобри односи со своите соседи“, порача Агелер.

Претставникот на конзорциумот „Бехтел и Енка“, рече дека се почестени што ќе работат со Владата на Северна Македонија, со македонските институции, како и со локалните власти на овој, како што го опиша, возбудлив инфраструктурен проект кој што ќе ја подобри поврзаноста на регионот и ќе ја прошири локалната економија.

„Партнерството ‘Бехтел и Енка’ испорачува резултати за нашите клиенти. Имаме долга историја на успешно завршени висококвалитетни автопати на Балканот како и навремено испорачување за да се осигури дека придобивката од автопатите ќе се почувствува што е можно побрзо“, рече тој.  

Тој додаде дека партнерството високо го вреднува целиот проект, дека ќе ги користат локалните добавувачи, како и дека ќе обезбедат вработување на локалното население и долгорочно снабдување на градежни работници кои што ќе бидат достапни и за идните градежни потфати на конзорциумот.

Зборувајќи пред присутните , лидерот на ДУИ, Али Ахмети рече дека изградбата на автопатот ќе им го подобри живото на луѓето, ќе им се олесни нивното движење, а ќе влијае и врз развојот на економијата и на државата, како и дека ќе постави мостови меѓу целиот Балкан.

„Тоа е многу благородна работа која ќе придонесе за поцврсти пријателски односи и за врски меѓу економиите“, рече Ахмети.

Првиот вицепремиер Артан Груби, кој е и претседател на Комитетот за изградба на Коридорите 8 и 10 д се појави во блуза со испечатен автопат и бројот „8“, кој рече деак е исклучително горд што конзорциумот „Бехтел и Енка“ ќе ги гради коридорите 8 и 10 д.

За министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, ова е моментот кој долго се чекаше.

„Денеска најавуваме старт на првата од четирите автопатски делници Тетово – Гостивар во должина од 17,5 километри, а веќе следната недела ќе ја најавиме изградбата на делницата Прилеп – Битола, од Коридорот 10 д“, рече Бочварски.

Тој додаде дека истиот месец стартуваат и градежните работи на делницата Гостивар –  Букојчани во должина од 30,3 километри, а според договорот предвидена е изградба и на делницата Требениште – Струга – Ќафасан во должина од 21,7 километри која што исто така ќе започне во текот на оваа година.

„Ни претстојат огромни предизвици бидејќи градежништвото е секогаш неизвесно на терен“, рече Бочварски нагласувајќи дека коридорите во Северна Македонија се од витално значење и за Западниот Балкан, за што имаме поддршка и од нашите стратешки партнери.

„Многу често зборуваме за регионалното поврзување, дека е заеднички процес на целиот регион и не случајно сме тука заедно со нашите пријатели, претставници на Владите на Бугарија и Албанија, сите заеднички му даваме огромно значење на овој европски проект бидејќи нашата иднина е заедничка и европска“, рече Бочварски, посочувајќи дека за прв пат кај нас се воведува модел во делот на изградба и проектирање на патиштата, а тоа подразбира дека на изведувачот има обврска да проектира по делници и да гради.

Директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми направи споредба со времето кога студирал и кога за да се помине ова растојание биле потребни 12-14 часа, и денска кога до Тирана се стигнува за пет-шест часа.

„Во 2028 година овој пат ќе се извози за само два часа. Ова е вистинската вредност на овој проект, национална, регионална и европска, ќе имаме поголем економски раст и развој“, рече тој додавајќи дека се очекува за четири години и шест месеци да бидат изградени 110 километри автопатишта, со што Република Северна Македонија ќе стане вистинска раскрсница на регионот.