Почна кампањата за претседателските избори што ќе се одржат на 24 април


Фото: Б. Грданоски

На полноќ започна изборната кампања за претседателските избори закажани за 24 април. Кампањата ќе трае до полноќ на 22 април. На првиот ден од кампањата некои од кандидтите најавија промовирање и презентирање на изборната програма и отворање на изборни штабови.

Во Скопје денеска ќе биде промовиран Изборниот штаб на кандидатот за претседател на СДСМ и Коалицијата Стево Пендаровски. 

Вечер во 20 часот изборниот караван на Пендаровски ќе има централен митинг во Прилеп. Кандидатот за претседател Пендаровски ќе ги посети општините Кривогаштани и Крушево.  

Кандидатот за претседател на државата од Движењето ЗНАМ-За наша Македонија, Максим Димитриевски кампањата ја почнува од Крушево каде во 13 часот каде ќе ја презентира програмата под наслов „Манифест за Македонија“. 

Претседателскиот кандидат на Левица, пак, Билјана Ванковска, ќе ја презентира изборната програма на прес-конференција.

Во Струмица вечер, Ванковска, заедно со лидерот на Левица и носител на ИЕ 1,  Димитар Апасиев, и носителот на ИЕ 4, Сашко Јанчев ќе се обратат во Домот на културата „Антон Панов“.

Кандидатот за претседател предложен од ДУИ, Бујар Османи изборната кампања ќе ја започне со прес-конференција во 11:00 часот пред претседателската вила на Водно.

Според жребувањето на ДИК, актуелниот претседател и кандидат на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски ќе биде прв на гласачкото ливче за претседателските избори што се закажани на 24 април.

Втора е Гордана Силјановска Давкова кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, трет е Стевчо Јакимовски од ГРОМ. На четвртото место е Бујар Османи од ДУИ, петта е Билјана Ванковска Цветковска од Левица, шести е Арбен Таравари од Алијанса за Албанците и Европскиот фронт и седми е Максим Димитриевски, кандидат на ЗНАМ.  

Вториот круг на претседателските избори ќе се одржи на 8 мај, заедно со единаесетите парламентарни избори од независноста.