Почна изградбата на затворен базен кај салата „Партизан“ во Карпош


Денеска започнаа градежните активности на затворениот базен во рамки на спортската сала „Наум Наумовски Борче“, попозната како „Партизан“ во Карпош 4.

Како што информираат од Општина Карпош, увид во градежните активности денеска  направија градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, премиерот Димитар Ковачевски и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски.

-По многубројните инвестиции кои заедно со Владата и Агенцијата за млади и спорт ги реализиравме, еве сме при крај и со култната спортска сала „Партизан“, која е од огромно значење за жителите на Карпош, пред сѐ за учениците од основните училишта. Особено ми е драго што сите ветени објекти кои со заедничка инвестиција од Владата се започнати, а и веќе завршени. Навистина ќе ми биде многу мило, вакви објекти да се реализираат што повеќе низ сите општини во Македонија, да се поддржуваат спортските таленти, да имаат навистина каде спортски да се надоградуваат и развиваат, истакна Јакимовски.

На оваа средба, се обрати и премиерот Ковачевски, кој рече дека оваа сала ќе добие нов урбан лик, во којашто граѓаните на Карпош ќе имаат каде да го поминуваат слободното време и да спортуваат.

 

Салата „Партизан“ во 2018 година (Фото: Б. Грданоски)

– Со почетокот на изградбата на пливачкиот објект кој го означивме денес, и реконструкцијата на спортската сала „Партизан“,  се гради целосен спортски комплекс кој ќе биде во функција на младите, спортистите и рекреативците. Воедно, се привршуваат работите на комплетната обнова на салата, кои што треба да завршат некаде кон средината на октомври. Целосната реконструкција на салата „Партизан“ , изнесува 1,1 милион евра, вклучувајќи го и затворениот базен – истакна Ковачевски.

„Партизан“ повторно ќе биде место каде што ќе се афирмираат младите спортисти во различни спортови и од каде ќе произлезат многу нови спортски имиња.