Почна изградбата на прв затворен пазар во Кисела Вода


Денеска почна изградбата на прв затворен пазар во Општина Кисела Вода, во близина на Домот на културата, а градоначалникот најави уште еден во Драчево.

– Јас се обврзав дека ќе изградиме два вакви пазари, па еве, на истекот на првата година од мојот мандат веќе го почнуваме овој пазар којшто треба отприлика за два месеци да биде готов, а за многу скоро како медиуми ќе бидете повикани и во Драчево каде што ќе започнеме со изградба на уште еден ваков ултра модерен, современ, затворен пазар како што доликува за нашата современа општина – рече градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Како што велат од Општина Кисела Вода, се работи за современо здание со површина од 250 квадратни метри.

– Инфраструктурно средениот пазар ќе има и модерна надворешност, па ќе претставува квалитетно естетско решение за овој дел од Кисела Вода, каде во непосредна близина се лоцирани паркот „Македонија” и Домот на култура „Билјана Беличанец”- информираат од локалната самоуправа.

Инаку, според општинските власти ова ќе биде пристојно место за набавка на свежо овошје и зеленчук, а за пазарџиите, квалитетен простор за пласман на нивните производи.

Проектот чини 13 милиони денари од кои 9,8 милиони денари обезбедува Министерството за локална самоуправа, согласно потпишаниот договор за финасиско партнерство за изградба на овој пазар, а останатите средства ги покрива Општина Кисела Вода од својот буџет.