Почна да се гради првиот објект кај „Треска“


„На 18-иот роденден од компанијата објавуваме нов голем проект, започнува со изградба „Треска“. Денеска се освети камен-темелникот на новиот објект кој ќе гο редефинира квалитетното живеење во срцето на Скопје. Бидете меѓу првите кои ќе го обезбедат своето место во новиот објект со најквалитетна верзија на „Голден Арт“ системот досега“, стои во денешната објава на фејсбук на оваа компанија. 

Иако, повеќе години, неколку администрации се бореа против планот од 2012 година, таму да се изградат згради таканаречени „наполитанки“, сепак тој план е на сила, а по мораториумот од претходниот градоначалник Саша Богдановиќ и по застојот во издавањето градежни дозволи, платени беа комуналии за неколку градби.

„Голден арт“ и „Мега акустик“, пред два месеца, најавија дека планираат да почнат со градба.

Овој огромен простор во центарот на Скопје долго време стоеше неурбанизиран, а беше и опасност за околината и жителите поради многуте отровни материјали, складирани во дел од објектите на пораншена фабрика „Треска“, како и азбестните покриви.

Сега, се најавуваат објекти со ниска градба приземје и четири ката, а околу станбените блокови ќе имаа зеленило, парк, пешачки патеки и безбеден простор за децата.

Општина Центар побара од инвеститорите во комплексот „Треска“ да се изградат објекти од јавен интерес, како и комплексот да има многу зеленило. Во склоп на комплексот ќе има детска градинка, парк како и над 20% зеленило по градежна парцела, тврдат од Центар..