Почитувајте ги препораките за заштита од топлотниот бран – продолжени се денеска и утре


Фото: Б. Грданоски

Министерството за труд и социјална политика (МТСП) ги повикува работодавците, негователите и воспитувачите во градинките, вработените во Центрите за социјална работа и во Црвениот крст да ги почитуваат препораките од Министерството за здравство за заштита на здравјето и превенирање на последиците од топлотните бранови кои следуваат.

Од МТСП известуваат дека мерките продолжуваат да важат и денеска и утре.

Општите мерки кои, согласно Акцискиот план на Министерство за здравство за превенирање на последиците од топлотни бранови врз здравјето на населението треба да се почитуваат, се ослободување од работни обврски на најранливите групи население, меѓу кои спаѓаат бремените жени и лица на возраст над 60 години, во градинките да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот, Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници, како и работодавците да ги почитуваат законските прописи од оваа област.

МТСП апелира и на зголемени контроли од страна на надлежниот Државен инспекторат за труд.