Почина Ведрана Рудан – жената со остар јазик


Хрватската писателка, новинарка и колумнистка Ведрана Рудан почина на 76-годишна возраст, по долга и тешка борба со ракот. Веста за нејзината смрт за хрватскиот портал „Шоубаз“ ја потврдиле извори блиски до неа.

 

Утрово, на официјалниот профил на Рудан беше објавена кратка порака која навести дека таа починала.

„Ведрана отиде на подрачје без сигнал“, стои во објавата.

 

Набргу потоа беше променета и насловната фотографија на нејзиниот профил, со фотографија на која пишува „No Signal“ (во превод: „Нема сигнал“). Коментарите под објавите се оневозможени.


Оваа порака има особено значење бидејќи токму со тие зборови Рудан претходно зборуваше за сопствената смрт.

За време на гостувањето во хрватската емисија „Во недела, во два“, отворено зборувајќи за тешката болест, таа рече дека сака нејзините најблиски нејзината смрт да ја сфатат како „одење на подрачје без сигнал“.

„Сакам да кажам дека има многу луѓе кои ме сакаат и дека јас ги сакам нив. И дека сум бесмртна. Нека мојата смрт ја сфатат како одење на подрачје без сигнал“, рече Рудан.

Рудан во мај 2024 година јавно соопшти дека боледува од ретка форма на карцином на жолчните канали. За дијагнозата и лекувањето пишуваше отворено, директно и без разубавување, во стилот по кој беше препознатлива во текот на целата своја кариера.

Таа откри дека била меѓу малиот процент пациенти кај кои била можна операција, а пред хируршката интервенција била подложена и на радиохируршки третман. Подоцна стана првата пациентка во светот кај која била применета хипербарична оксигенотерапија за лекување компликации настанати како последица од третманот на туморот.

Ведрана Рудан е родена на 29 октомври 1949 година во Опатија. Завршила хрватски и германски јазик на Педагошката академија во Риека, а во текот на професионалниот живот работеше како новинарка, радио-уредничка и телевизиска водителка.

Како писателка стана препознатлива по краткиот, остар и провокативен стил, со кој без задршка пишуваше за семејството, љубовта, општеството, политиката, насилството и положбата на жената. Нејзините дела беа преведени на повеќе јазици, меѓу кои и на македонски, а според нејзините книги беа поставувани и театарски претстави во повеќе европски градови.

Зад себе остави богат книжевен и новинарски опус, но и јавен глас кој со децении предизвикуваше реакции, полемики и дебати.