Силјан Мицевски, поранешен градоначалник на Битола и стопанственик, почина на 78 години
Во 78 година од животот почина Силјан Мицевски, македонски и битолски стопанственик, од областа на градежништвото, поранешен градоначалник на Битола и почесен конзул на Србија со седиште во Битола како и спортски работник.
Мицевски долги години беше на чело на градежната фирма ГП „Пелистер“ во Битола, а воедно беше поддржувач на спортот во Битола. Тој беше основоположникот на РК „Пелистер“.
Силјан Мицевски е роден во 1945 година во Битола. Магистрирал во Софија, на отсекот економија и менаџмент.
Ракометниот клуб „Еурофарм Пелистер“, објави дека Битола е градот во кој Силјан Мицевски помина голем дел од животот и постигна значајни резултати како успешен и деловен човек, спортист, активист, градоначалник, хуманист, како и признат граѓанин на Битола, на Македонија и пошироко на овие балкански и европски простори.
Силјан Мицевски беше прв избран градоначалник на Битола, на непосредни избори што се одржаа во 1996 година, а во 2007 година беше назначен за почесен конзул на Србија во Битола.
Професионалната кариера на Мицевски е втемелена на ГП „Пелистер“ која датира од 1968 година, најголемата љубов и самоодрекувања во животот на Мицевски се врзани за спортот и посебно ракометот каде бил ракометар, прв македонски меѓународен ракометен судија, и поддржувач на РК „Пелистер“, денес РК „Еурофарм Пелистер“.
Силјан Мицевски е добитник на бројни награди и признанија, меѓу кои наградата „4 Ноември“ во 1979 година, наградата „Интернационална ѕвезда – златна категорија“ доделена во Париз 2003 г., признанието „Личност на Југоисточна Европа“ за 2016 година кое му беше врачено на Универзитетот „Хумболт“ во Берлин, а во 2016 година му беше доделено државното знаме на Србија.