Почина Раде Гогов, еден од партизаните што го обезбедуваа Првото заседание на АСНОМ


На 98 години денеска почина Раде Гогов – Црноречки, носител на Партизанска споменица 1941 и еден од партизаните што го обезбедуваше Првото заесадние на АСНОМ во манастирот „СВ. Прохор Пчињски“. Гогов, кој во партизани отиде на 18 години во 1941 година е носител на 15 одликувања.

Пред три години, кога во Битола имаше средба на генерациите тој раскажа дел од борбата за слобода на Македонија. 

„Учествував во многу борби, но најтешко беше кај врвот Паруца на Плачковица. Михајло Апостолски ја имаше викнато мојата чета да го обезбедува заседанието на АСНОМ. На враќање, на Плачковица, нѐ пречека еден непријателски баталјон скриен во ровови. Тие беа на високо, а ние на голина. Еден од нив испука цел шмајзер во мене. Еден куршум ме удари во ременот, друг во фалтата од џебот на англиските панталони, третиот ми скина друг дел од облеката и четвртиот само ме погоди во раката. Една санитарка дотрча до мене. Имаше хиперманган и ме преврзаа, потоа раните ми загноија. Се мачевме, но имавме големи идеали“, рече тогаш партизанот Гогов.

Премиерот Зоран Заев упати телеграма со сочувство до семејството на Раде Гогов.

„Во овие моменти на семејна тага дозволете ми од мое име, и од име на Владата на Република Северна Македонија, да ви изразам искрено сочувство за смртта на првоборецот и носител на Партизанска споменица 1941 Раде Гогов. Првоборецот на НОВ Раде Гогов, кој како млад 18-годишен партизан го обезбедуваше Првото заседание на АСНОМ, останува во нашите срца и сеќавања како борец кој остави своја неизбришлива трага во македонската историја, како првоборец за нејзиното ослободување, самобитност, државност и независност“, нагласува премиерот.

Заев во телеграмата истакнува дека неговата посветеност кон стратешките цели на државата и кон борбата за поубаво, слободно и напредно општество, го прават неговиот животен пат судбински испреплетен со патот на нашата татковина.