Почина Метју Пери, омилениот Чендлер од „Пријатели“

Метју Пери почина на 54-годишна возраст. Според странските медиуми, неговото тело било пронајдено во неговиот дом во џакузи


(Фото:Википедија)

Ѕвездата на „Пријатели“ Метју Пери почина во саботата откако беше повикана службата за итна помош на телефонскиот број 911 поради застој на работата на срцето.

Телото на омилениот Чендлер беше пронајдено во џакузито во неговиот дом.

Наводно, два часа пред трагедијата одиграл партија „пиклбол“, по што побарал од својот помошник да заврши некои задачи. Кога се вратил помошникот, го нашол во несвест и повикал 911.

Пери беше најпознат по неговата долгогодишна улога на Чендлер Бинг во мега популарната ТВ серија „Пријатели“, која се емитуваше 10 сезони на Ен-Би-Си (NBC) од 1994 до 2004 година и е многу популарна и денес.

Пери со години водеше битка со зависноста од дрога и алкохол, за што и самиот зборуваше јавно. Првпат отиде на рехабилитација во 1997 година, а потоа повторно се пријави во 2001 и 2011 година. Колку големи му биле проблемите призна во 2016 година, кога во едно големо интервју рече дека поради неговата зависност не се сеќава на снимањето дури на три сезони на „Пријатели“.

„Сите сме во целосен шок, луѓето плачат кога им ја кажуваме оваа вест и тешко прифаќаат дека го нема. Не е тајна дека долго време се бореше со дрога и алкохол, но последниот пат кога разговарав со него, изгледаше како да е на добар пат да закрепне“, изјави долгогодишен пријател на Пери.

„Многу пати беше на рехабилитација, но беше и личност која сакаше да закрепне и да си дојде на себе. Тоа е таква трагична вест. Беше мил човек, секогаш ги прифаќаше сите и беше на услуга на сите. Сите се обидуваме да се помириме со оваа трагична вест“, додаде пријателот.

Метју глумеше во „Пријатели“ заедно со Џенифер Анистон, Кортни Кокс, Дејвид Швимер, Мет Лебланк и Лиза Кудроу.

 

Роден во Вилијамстаун, Масачусетс, од татко актер и мајка новинарка, Пери отиде да живее со мајка му во Отава, Канада, откако неговите родители се разделија.

Една од првите страсти на Пери бил тенисот и стана најдобро рангиран тенисер во Канада. Како и неговиот татко, и помладиот Пери развил интерес за глума откако како тинејџер се преселил во Лос Анџелес за да живее со него.

Првата забележлива улога на Пери беше мала улога во драмата „240-Роберт“ во 1979 година. После тоа, други битни улоги имаше во серии, вклучувајќи ги „Чарлс одговорен“ (Charles in Charge), „Сребрени лажици“ и „Шоуто на Трејси Улман“.

Неговата прва филмска улога беше додека беше во средно училиште, играјќи заедно со Ривер Феникс во филмот од 1988 година „Ноќ во животот на Џими Рирдон“. Годината пред објавувањето на филмот, Пери глумеше во ситкомот „Втори шанси“ (подоцна преименуван во „Момците ќе бидат момчиња“), за човек кој умира и се враќа на земјата за да го менторира своето помладо јас, кое го игра Пери.

Серијата не успеа да ја најде својата публика, но Пери продолжи да добива повеќе улоги од висок профил во ТВ проекти, вклучувајќи ги „Growing Pains“, „Who’s The Boss“ и „Beverly Hills, 90210“.

Но, улогата на љубезниот и саркастичен Чендлер во ситкомот „Пријатели“ во 1994 година го направи познат.

Во ноември 2022 година, тој објави мемоари со наслов „Пријатели, љубовници и големата страшна работа: Мемоар“.

Во него, Пери откри дека неговата злоупотреба на опиоиди довела до руптура на дебелото црево кога имал 49 години. Лекарите му дадоа два проценти шанса да преживее, напиша тој, и тој беше во кома две недели, а потоа уште неколку месеци во болница.

На актерот му биле направени 14 операции за да се поправат сите абдоминални оштетувања, а тој призна дека одел на рехабилитација 15 пати во текот на годините со надеж дека ќе ја ослободи од зависноста од дрога.

Пери беше во врска со книжевната менаџерка Моли Хурвиц во 2018 година, а парот се сврши во 2020 година. Тие ја прекинаа свршувачката во 2021 година, а Пери тогаш изјави: „Понекогаш работите едноставно не функционираат и ова е една од нив. На Моли и посакувам се најдобро“.