Мадона пееше пред 1,6 милиони фанови на плажата Копакабана


Повеќе од милион луѓе се собраа на плажата Копакабана во Рио де Жанеиро за бесплатниот концерт на Мадона, со кој ја заврши турнејата со најголемите хитови „Прослава“.

Се проценува дека на концертот дошле 1,6 милиони луѓе. Многумина од нив биле таму со часови пред да почне концертот, а некои и со денови со цел да фатат добро место. Концертот се следеше и од терасите на крајбрежните станови, а побогатите фанови беа закотвени со десетици бродови во морето.
 

Шеесет и петгодишната Мадона повеќе од два часа ги пееше своите најголеми хитови, иако температурите беа околу 27 Целзиусови степени.

Повеќе од 3.000 полицајци го обезбедуваа местото, каде што претходно и „Ролингстоунс“ и Род Стјуарт привлекоа милионска публика. Градските власти на Рио кажаа дека за концертот потрошиле речиси четири милиони долари. (Ројтерс)