Почина македонскиот архитект Јован Стефановски – Жан
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2019/06/zan.jpg)
Почина еден од најпознатите македонски архитекти, Јован Стефановски – Жан.
Тој беше автор на многу објекти во државата и странство. Меѓу неговите најпознати дела се Милениумскиот крст на Водно, новиот театар и преку 550 други објекти во Македонија и светот.
Архитектот Јован Стефановски Жан е роден во Скопје 1948 година, дипломирал на Архитектонско-градежниот факултет во Скопје (1973).
Во својот работен век се занимава со архитектонско проектирање. Реализирал повеќе објекти од општествен, трговски и угостителски карактер. Посебно внимание посветил на станбената архитектура.
Работеше во повеќе проектантски бироа и во сопствено проектантско студио „Еуроарт“ во Скопје. Се занимаваше и со публицистика. Објави преку 60 написи посветени на архитектурата. Позначајни реализации: Банката во Пробиштип (1986), Домот на занаетчиите во Старата чаршија во Скопје (1990), Деловниот дистрибутивен центар „Машинопромет“ во Скопје (1990), фабричкиот комплекс „Иноспектар“ во Скопје (1998) и повеќе индивидуални куќи во Скопје, Кратово. Тетово.
Заедно со Оливер Петровски, Жан е автор на Милениумскиот крст кој се наоѓа на врвот Крстовар на планината Водно, непосредно над градот Скопје. Изграден е во чест на две илјади години христијанство во Македонија и доаѓањето на новиот милениум.