Почина хрватскиот џезер Матија Дедиќ, син на Арсен Дедиќ и Габи Новак


 

Познатиот музичар Матија Дедиќ почина во Загреб на 53-годишна возраст. Тој беше еден од најпознатите хрватски џез музичари.

Тој е син на познатите музичари Арсен Дедиќ и Габи Новак. Веќе на петгодишна возраст, Матија почнал да свири класична музика, а во 1997 година дипломирал џез на Академијата за уметности во Грац.

Од Грац се вратил во Загреб, каде што наскоро бил забележан на хрватската музичка сцена. Во тие години свирел со својот бенд „Болиерс квартет“, со кој ги придружувал големите џез музичари како што се Бени Голсон, Кени Барел, Рој Хејнс, Хозе Фелисијано и „Ол Старс бенд“.

Кон крајот на 1990-тите, Матија го основа триото „Матија Дедиќ“, кое ги изведуваше неговите оригинални дела.

Настапуваше во речиси сите европски земји и во САД со големи музички имиња

Пишуваше музика за телевизија и театар, а настапуваше и со популарни музичари од локалната сцена. Во јули 2002 година, Матија настапи во Франција на познатиот џез фестивал Монтре Џез, како еден од 11-те финалисти од вкупно 400 пијанисти од целиот свет.

Во 2000 година, издавачката куќа Cantus Records го објави неговиот прв соло албум, Solo Part 1, а во декември 2001 година, вториот, Handwriting.

Во 2004 година, го издаде својот албум Tempera под издавачката куќа Dallas Records. На него, Матија сними џез аранжмани на дванаесет композиции од Џибони по свој избор.

Тој е добитник на наградата на Хрватското друштво на композитори за најдобар џез композитор, и повеќекратен добитник на наградите Status и Porin за најдобри џез албуми, композиции и инструментални изведби.

Во третата генерација на познатото музичко семејство, ќерката на Матија, Лу Дедиќ (22), е исто така пејачка. Арсен Дедиќ почина во 2015 година на 78-годишна возраст.