Почина борецот за работнички права и претседател на ССМ, Дарко Димовски

Работниците ќе го паметат како голем борец за работничките права кој остави длабок белег во синдикалното и работничкото движење, посочија од ССМ. Пристигнуваат телеграми со сочувство


Фото: Б. Грданоски

По кратко боледување на 45-годишна возраст почина Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).

– Колегите, соработниците и работниците ќе го паметат како голем борец за работничките права кој остави длабок белег во синдикалното и работничкото движење на Македонија. Од името на Сојузот на синдикатите на Македонија, изразуваме длабоко сочуство на неговото семејство, соопшти денеска ССМ.

Погребот на Димовски ќе се изврши утре во 13 часот. Пријателите, соработниците, работниците, граѓаните ќе можат да се простат и да изразат сочувство од 12 часот во капела на градските гробишта Бутел. 

Премиерот Димитар Ковачевски  изрази сочувство по повод смртта на Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).

Во објава на својот фејсбук-профил, претседателот на Владата посочува дека посветеноста на Димовски во борбата за правата на работниците беше исклучителна, а неговата вклученост во синдикалното и работничкото движење, како што вели, остави неизбришлива трага која и понатаму ќе е пример за посветена и успешна работа.

-Со огромна жал ја примив веста за прераната смрт на Дарко Димовски, претседателот на ССМ. Изразувам најдлабоко сочувство до неговото семејството, колегите и пријателите. Со неговата отвореност, прагматичност и подготвеност за дијалог успеа да направи историски исчекор и напредок кој и во годините кои доаѓаат ќе обезбеди подобар квалитет на живот за сите работници во државата, напиша Ковачевски.

Министерството за труд и социјална политика, ресорната министерка Јованка Тренчевска и сите вработени изразуваат големо жалење за смртта на претседателот на Сојузот на Синдикати на Македонија, Дарко Димовски.

Како што соопшти МТСП, од 2017 година на неговото место како претседател своите денови ги помина во, како што се наведува, посветена борба за поголеми права на работниците.

– Човек кој секогаш имаше време да ги сослуша предизвиците на секој еден работник и човек кој гласно и храбро се бореше за решение. Засекогаш ќе остане во нашите срца како борец за подобар работнички век и живот. Активен партнер во социјалниот дијалог за подобрување на животот на сите граѓани во државата. Неговиот несебичен удел во општествениот живот, неговите заложби и неговите силни чекори и поддршка кон работниците никогаш нема да бидат заборавени, се вели во соопштението.

Инаку, на едно од последните појавувања во јавноста, на првомајскиот протест, претседателот на ССМ Димовски побара побара достоинствена плата и фер услови за сите.

Димовски пред Владата рече дека функционерите „си ги покачија платите за 78 проценти, а нас нѐ убедуваат дека 2.000 денари е доволно да преживее македонскиот работник“.

– Со две илјади денари работникот не може да го издржи месецот, додека некои со 78 отсто си го поминуваат месецот лежерно и убаво. Ние, работниците, не се откажуваме – како за нив, така и за нас. Нека ги намалат и тие платите и ние нема да бараме. Но, интенцијата е да се зголемат платите на сите работници, бидејќи гледаме во какво време-невреме живееме и колку се потребни тие пари. Пазарат по продавници и нѐ лажат дека цените се намалени, но ние сме секој ден таму и тоа не се случува. Го повикувам македонскиот работник, пензионер, народ, да излезе и да се сплоти и да им кажеме „не“ на овие што не мислат на нас и си гледаат само за себе, истакна Димовски.

Тој порача дека не го креваат работничкиот глас само на Меѓународниот ден на трудот, туку борбата продолжува.