Почесното „Срце на Сараево“ за шкотската режисерка Лин Ремзи


Сараево – Шкотската режисерка, сценарист и продуцент Лин Ремзи ќе биде наградена со почесното „Ссрце на Сараево“ на 29. Сараево филм фестивал што ќе се одржи од 11 до 18 август, соопштија денеска организаторите.

На Ремзи на 16 август во „Летното кино на Кока Кола“ ќе ѝ биде врачена наградата за исклучителен придонес во филмската уметност, по што ќе биде прикажан филмот „Никогаш не си бил овде“ со Хоакин Феникс во главната улога, соопштија од фестивалот.

„Ремзи се смета за една од најоригиналните и највозбудливите автори кои работат во независната кинематографија денес“, соопшти Сараевскиот филмски фестивал.

По неколку кратки филмови, Ремзи го имаше своето деби со филмот „Rat Catcher” (1999) на Канскиот филмски фестивал, како дел од програмата „Un Certain Regard”,  каде што заработи „Посебно признание“.

Следниот „Morvern Callar“ ја освои Младинската награда за најдобар странски филм во програмата „Directors’ Fortnight“ во 2002 година, додека третиот игран на Ремзи „Ние треба да зборуваме за Кевин“ беше единствениот британски филм номиниран за „Златна палма“ во 2011 година.

Филмскиот фестивал во Сараево формиран во 1995 година од група ентузијасти, денес прерасна во најголем фестивал на филмот од Виена до Истанбул, и е под покровителство на УНЕСКО.

По традиција, на црвениот килим на фестивалот дефилираат светски и регионални ѕвезди.

 

Меѓу добитниците на почесното „Срце на Сараево“ се и оскаровецот Алехандро Инариту, Мадс Микелсен, Рубен Остлунд, Павел Павликовски, Изабел Ипер …